Поврзувањето преку берзите и инфрастуктурните проекти е исклучително важно за привлекувањето на странскиот капитал, а за таа цел е и настанот „Денови на македонскиот пазар на капитал“ во организација на Македонската и Загребската берза
На македонскиот пазар на капитал му е потребно раздвижување, странски инвеститори кои ќе донесат нов промет и нови практики. Недостигот на странски портфолио инвеститори е всушност и најголемиот предизвик на Македонската берза, а во функција на справување со него е настанот „Денови на македонскиот пазар на капитал“ што денес се одржа во Скопје. Организатори се Македонска берза и Загребска берза.
„За да се надмине предизвикот, потребно е подобро претставување на македонскиот пазар на капитал. Целта е претставниците на хрватските брокерки куќи, банки, инвестициски и пензиски фондови кои денес се во Скопје, детално да се запознаат со македонскиот пазар на капитал и да се обидат да најдат интерес и можности за инвестиции. Да ја продлабочиме соработката и меѓусебното информирање за двата пазари да се подигне на повисоко ниво“, рече Иван Штериев, главниот извршен директор на Македонската берза.
Тој посочи дека е добро што основен двигател на македонскиот пазар на капитал се македонските инвеститори, но потребно е раздвижување.
„Ако сакаме да се вратат повеќе странски порфолио инвеститори, тие мора да се запознаат со нашите продукти, со нашата инфраструктура. Имавме неколку добри години, но сепак, основен двигател на пазарот се македонските инвеститори и во добар дел македонските физички лица. Тоа е добро и поскувано, но не е идеална стрuктура на прометот. Ние би сакале да имаме повеќе инвеститори од странство, тие ќе донесат и нов промет, ќе донесат know how и нови практики, изјави Штериев.
Регионалната консолидација е иницирана пред неколку години од страна на Загребската берза.
„Сопственици сме 100-процентно на Словенечката берза, а сега и на 30 проценти од Македонската берза. Мислиме дека клучот на успехот е во споделувањето искуства и знаење и во приближувањето на нашите пазари на локалните инвеститори. Хрватска има многу значајна инвеститориска база, пензиски инвестициски фондови, чии претставници денес се тука, и целта ни е да им ги претставиме македонските компании и македонската економија, која можеби досега не ја познавале толку добро“, рече Ивана Гажиќ, претседателка на Управниот одбор на Загребската берза, додавајќи дека постојат заеднички интереси за двата пазари, и работењето на тоа во иднина многу ќе помогне.
Интеграцијата е многу важна за привлекувањето инвеститори, смета Матко Маравиќ од „Интеркапитал“, брокерска куќа која е меѓу најголемите во Хрватска и во Словенија
„Интеграцијата на пазарот е важна за целиот регион, не само за локалниот пазар, затоа што странските инвеститори не доживуваат како еден регион. Не постои Хрватска, Словенија, Северна Македонија, туку тие инвестираат во овој дел од светот. Мислам дека поврзувањето преку берзите и преку други инфрастуктурни проекти е исклучително важно за привлекувањето на странскиот капитал во овие земји, потенцира Маравиќ.
Можностите на македонскиот пазар на капитал ги презентираше Катерина Илиќ-Нонкуловска од НЛБ Банка. Во текот на минатата година на Берзата се реализирале 17.274 трансакции, остварен е промет од 121 милион евра и во однос на претходната година има намалување од 42,08 проценти. Во топ пет најтргувани акции се оние на „Алкалоид“, „Макпетрол“ и на трите банки Комерцијална, НЛБ и Стопанска. На Берзата котираат 95 компании, но нагласи таа, слаба е понудата на нови емисии.
Деан Николовски од Министерството за финансии објави две значајни новости на кои се работи во моментот. По примерот на Хрватска, до сезоната на годишните одмори ќе биде издадена граѓанска обврзница. Намерата е да се уверат граѓаните дека можат да имаат доверба во државата и да се поттикнат да инвестираат. Новина е и тоа што платформата за издавање обврзници ќе биде сменета и во догледно време тоа ќе се одвива преку Блумберг.