Анализа: Како се движеле директните инвестиции во последните 20 години?
Вкупните директни инвестиции во земјата во текот на третиот квартал од 2024 година бележат нето-приливи од 281,6 милиони евра, како резултат на зголемените нето-приливи врз основа на меѓукомпанискиот долг (219,5 милиони евра), сопственичкиот капитал (39,9 милиони евра) и реинвестираната добивка (22,2 милиона евра), извести Народната банка.
Третиот квартал е подобар од вториот, кога е направен вкупен прилив од 237,48 милиони евра, но е полош од првиот квартал, кога сме реализирале странски директни инвестиции во износ од 319,1 милиони евра. Всушност, овој квартал бил доста силен. Интересен факт е што овие високи бројки од првиот квартал се непосредно пред парламенатарните и претседателските избори во државава. Притоа, дури 237,56 милиони евра се врз основа на сопственички капитал и реинвестирање!
Странски директни инвестиции во првите три квартали од годинава
Извор: Народна банка
ЗА 9 МЕСЕЦИ СЕ ВЛЕЗЕНИ 838 МИЛИОНИ ЕВРА
Простата математика покажува дека ако се соберат трите квартали во државава на име странски директни известиции се водат 838,21 милион евра. Прашање е дали тоа е многу или малку.
Податоците од Народната банка покажуваат дека од 2023 година (од кога има податоци на статистичкиот веб-портал) досега немало ниту една година кога за сите 12 месеци, а не за 9, е направена ваква реализација.
Вкупни директни инвестиции по години
Извор: Народна банка
ВКУПНИТЕ СТРАНСКИ ИНВЕСТИЦИИ ИЗНЕСУВААТ ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД БДП
Состојбата на директни инвестиции во Македонија на 31.12.2023 година изнесува 7,5 милијарди евра, или 55,2 насто од проценетиот податок за БДП, од кои 5,2 милијарди евра се вложувања во сопственички капитал, додека 2,3 милијарди евра се вложувања во должнички инструменти, покажуват податоците од Народната банка.
Анализирано по земји, највисоки директни инвестиции, во вредност од 1,2 милијарди евра, се регистрирани од Австрија, по што следува Грција, со директни инвестиции во вредност од 751 милион евра. Во групата на петте најголеми странски инвеститори во земјава спаѓаат и Турција (со 715 милиони евра), Германија (со 652 милиони евра), и Холандија (со 597 милиони евра). На овие пет земји отпаѓаат 51,9 насто од вкупните директни инвестиции во анализираниот период.
Анализирано по дејности на инвестирање, од вкупните директни инвестиции, 2,5 милијарди евра, или 33 насто се инвестирани во дејноста производство, додека 1,7 милијарди евра, или 22,9 насто во дејноста финансиски и осигурителни активности.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска