
Штрајкот на возачите на камиони, кој во изминатите денови ги парализираше товарните терминали на сите гранични премини од Западен Балкан кон Европската Унија, предизвика сериозен колапс на товарниот сообраќај и отвори длабока економска криза со последици што се мерат во десетици милиони евра дневно. Блокадите целосно го стопираа увозот и извозот, оставија празни гранични премини и создадоа притисок врз стопанството, превозниците и институциите, додека решението сè уште не е на повидок.
Според проценките на бизнис-заедницата, директната штета што ја трпат извозниците и економијата на целиот регион достигнува и до 100 милиони евра дневно. Претседателот на Српска стопанска комора, Марко Чадеж, предупреди дека ваквите блокади имаат далекусежни последици, бидејќи покрај загубите од непродадена и неиспорачана стока, компаниите се соочуваат и со договорни казни кои се движат од 10.000 до 50.000 евра дневно по фирма.
Иако економистите избегнуваат да лицитираат со прецизни бројки, речиси сите се согласуваат дека последиците од прекинот на товарниот сообраќај ќе ги почувствуваат сите, но не подеднакво и не веднаш. Економистот од Србија, Александар Стевановиќ оценува дека граѓаните засега нема директно да почувствуваат недостиг на производи, но предупредува дека процесите на увоз и извоз се целосно запрени, што значи дека сè што се транспортира со камиони кон Шенген зона е ставено на чекање. Особено погодени се лесно расипливите производи, кај кои загубите се речиси неизбежни, додека во наредниот период може да дојде и до празнење на магацините со увозна стока од ЕУ.
Дополнителен проблем, како што посочува Стевановиќ, е тоа што и самите превозници трпат огромна штета. Недостигот од возачи е хроничен, а строгите толкувања на европските правила, според кои возачите често се третираат како туристи, ги ставаат транспортните компании во речиси невозможна позиција. Наместо заеднички настап, ова прашање остана нерешено на ниво на регионот, иако, како што истакнува тој, штетата не ја трпи само Србија, туку сите земји од Балканот кои не се членки на ЕУ.
Превозниците, пак, јавно признаваат дека со блокадите си нанесуваат штета и самите на себе, но тврдат дека немаат друг избор. Претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ, вели дека со години укажувале на проблемите кои ќе произлезат од новите правила, но дека нивните предупредувања останале игнорирани. Според него, доколку штрајкот не се случел сега, состојбата би била уште полоша од 12 април, кога целосно ќе почне да функционира системот EES, кој го ограничува престојот во Шенген зоната на максимум 90 дена.
Во такви услови, како што објаснува Мандиќ, ниту еден камион практично не би можел да ја напушти земјата, бидејќи возачите би биле изложени на ризик од апсење и депортација. Превозниците, вели тој, не можат да испраќаат луѓе на работа без гаранција дека ќе можат безбедно да ја завршат и да се вратат кај своите семејства. Ако им се дозволи да возат, ќе возат, ако не, последиците ќе ги трпат и тие и европските економии, иако, како што признава, најголемата штета засега ја чувствуваат токму тие самите.
Штрајкот започна како директна реакција на воведувањето на системот EES и строгото ограничување на престојот на возачите во Шенген зоната, што, според превозниците, практично им го оневозможува нормалното работење. Додека решението се бара меѓу Брисел, националните институции и регионалните здруженија, економската штета расте од ден во ден, а товарниот сообраќај на Западен Балкан останува заглавен во најтешката криза во последните години.
Во меѓувреме, и македонските превозници јавно се вклучија во дебатата, посочувајќи дека блокадите на граничните премини не се израз на произвол, туку на длабок револт кај професионалните возачи и нивна борба за еднаков третман со колегите од Европската Унија. Македонска национална транспортна асоцијација „Бест мобилити – НТА“ порача дека решението за проблемот мора да се бара во Брисел, преку институционален дијалог и јасни аргументи.
Од Асоцијацијата нагласуваат дека нивните барања се јасно дефинирани и насочени кон признавање на возачите како „мобилни работници“, чиј статус е веќе верификуван преку Сертификатите за професионална компетентност (CPC). Истовремено, тие повикуваат на координирана и заедничка акција со државниот врв, апелирајќи до Владата и надлежните министерства итно да го поддржат дијалогот со Брисел преку официјални дописи и директни состаноци со претставници на Европската комисија.
Претседателката на „Бест мобилити – НТА“ и заменик-претседателка на BSEC-URTA, Оливера Миовска, истакна дека искуството од досегашните состаноци во Европскиот парламент јасно покажува оти битката за транспортниот сектор се добива во институциите, со изнесување аргументи, предлог на конкретни и одржливи решенија и нивна брза реализација. Таа упати повик за единство и координација, како до надлежните институции во државата, така и до превозниците кои се меѓу најпогодените од актуелната состојба, со цел да се зачува стабилноста и функционирањето на македонскиот транспортен сектор во услови на регионална криза.
(Фото: Unsplash)
Аналитика








