Врз кои основи се креираат проекциите за 2026 година во банкарскиот сектор? Пари ги праша банките – какви очекувања имаат за Новата година. На што можат да се надеваат граѓаните и компаниите, ќе има ли промени и какви новини се предвидени да се реализираат, кои се најголемите ризици и колку се подготвни да ги апсорбираат.
Стопанска банка, како еден од клучните столбови во банкарскиот сектор, ќе продолжи да ја поддржува домашната економија, ефикасно одговарајќи на макроекономско опкружување и значајно придонесувајќи во финансирањето на сите клучни сектори преку иновативни, ефикасни производи и услуги кои ќе имаат и додадена вредност. Остануваме посветени во поддршка на проекти што создаваат нови работни места и ја зголемуваат одржливоста на приватниот сектор, истовремено намалувајќи ги ризиците преку финансиски совети и препораки.
Додека интензивно работиме на нашата амбициозна програма за трансформација, главен момент за 2026 ќе биде преселбата во новата управна зграда, продолжувајќи да овозможуваме долгорочна вредност преку значајни инвестиции во инфраструктура и во нашите луѓе. Стопанска банка ќе остане сигурен партнер на своите клиенти, симбол на доверба и стабилност, како и одговорна институција која постојано придонесува за развојот на заедницата и создава вредност за сите.
Домашната економија во изминатата година и пол се движи со забрзано темпо, а во 2026 се очекува умерен економски раст од околу три насто, додека инфлацијата постепено да се враќа на поумерени нивоа. Приватната потрошувачка ќе продолжи значително да придонесува кон вкупниот раст, заедно со капиталните инвестиции, поттикнати од забрзаната реализација на големи инфраструктурни проекти од јавен интерес.
Иако ризиците од глобалната неизвесност остануваат, спроведувањето на одбранбениот план на Европската унија и масовниот стимулативен пакет на Германија се очекува по 2026 година да донесат цикличен подем, со позитивни ефекти врз ЕУ поврзаните економии.
Подготви: Маја Анастасова
Аналитика








