„Вози право, вози здраво“ – најголемиот и најмасовен настан на тркала ќе се одржи на 28 мај, а заинтересираните можат да се пријават за учество. Организацијата е на Стопанска банка АД – Скопје. Настанот ќе се одржи во неработен ден – недела, а улиците во центарот на градот ќе бидат ослободени од автомобили и целосно отворени за сите рекреативци на велосипеди, тротинети, ролерки, скејтборди, бебешки колички и други превозни средства на тркала.
Организаторот ги повикува сите кои сакаат да бидат дел од ова еколошко возње да се пријават на следниот ЛИНК, најдоцна до 27 мај. Со тоа, освен стартен број и маичка, добиваат и можност да освојат вредни награди во лотаријата.
Подигнувањето на стартните пакети почнува во понеделник на 22 мај, а ќе трае се до сабота 27 мај. Поточно, тоа ќе биде можно и во текот на неработниот празничен 24 мај. Подигнувањето на бројчињата ќе се одвива пред просториите на Стопанска лизинг, на улица „Македонија“ бр.16, до спомен-куќата на Мајка Тереза, секој ден од 10 до 18 часот.
Стартот на седмото ревијално возење е од Порта Македонија во 17 часот, од каде што учесниците се упатуваат до Градскиот парк. Таму ќе има освежување обезбедено од организаторот, како и голема забава со музика, вредни награди и бројни изненадувања. Секој учесник со стартно бројче учествува во лотарија, во која за седмото издание на „Вози право, вози здраво“ ќе се доделат 7 велосипеди за возрасни Specialized, 7 детски велосипеди Specialized, 7 кациги Specialized, 7 Air pods, 7 Garmin часовници, 7 спортски ранци и 7 JBL слушалки. Дополнително, ќе се поделат и утешни награди како маици, ТОПСИ торби и шишиња за на велосипед.
Стопанска банка посочува дека настанот е наменет за дружење, забава и промоција на здрави животни навики и чување на животната средина. Затоа, на „Вози право, вози здраво“ не се мери времето и сите се победници, а главната цел е да се пренесе пораката за значењето на здравата животна средина, како и намалување на сообраќајниот метеж преку користење на алтернативни средства за превоз кои не ја загадуваат околината.