Во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2020 година, Стопанска банка АД – Скопје оствари добивка пред оданочување во износ од 2.177.457 илјади денари, која е пониска од добивката во претходната година, како резултат на пандемијата и намалениот обем во речиси сите сегменти од банкарското работење.
Вкупната актива на Банката на 31.12.2020 година изнесува 105.984.156 илјади денари и е за 6% повисока во однос на истиот период минатата година.
Нето-приходите од камати изнесуваат 3.716.697 илјади денари и се зголемени за 3% во однос на истиот период од минатата година, пред сè како резултат на кредитните активности и зголемувањето на активата. Трендот на намалување на каматните стапки продолжи и во 2020 година.
Нето-приходите од провизии и надомест изнесуваат 738.626 илјади денари и се намалени за 11% во однос на анализираниот период во 2019 година. Пандемијата имаше значително влијание врз овој сегмент, како на намалување на дознаките на ниво на национална економија, така и во делот на домашните платни трансакции, трансакциите со кредитни картички и во другите трансакциски сервиси, намалените економски активности и воздржување од трошење од страна на клиентите. Дополнително, во пресрет на ублажување на последиците од пандемијата, во текот на првите неколку месеци Банката овозможи бесплатни дигитални трансакции за физичките лица и намалување на редовните провизии.
Нето-приходите од курсни разлики забележаа пораст од 11% и изнесуваат 101.630 илјади денари, како резултат на зголемениот обем на девизниот пазар и поголемото учество на физичките лица во овој сегмент.
Другите приходи од дејноста забележаа намалување од 33%, исто така како резултат на пандемијата и на намалените активности.
Оперативните трошоци (трошоци за вработени, амортизација и други расходи) на крајот годината изнесуваат 1.767.723 илјади денари и се повисоки за 1% во однос на минатата година, најмногу поради зголемените трошоци поврзани со пандемијата (набавка на заштитна опрема, поголеми трошоци за дезинфекција, ангажирање надворешни редари за филијалите и слично).
Исправката на вредноста на финансиските средства за 2020 година изнесува 962.719 илјади денари и е поголема за 26% во однос на минатата година. Ова е резултат на прудентниот пристап на Банката во однос на исправката на вредноста за кредитното портфолио, во услови на криза предизвикана од ковид-19.
Добивката пред оданочување изнесува 2.177.457 илјади денари и е пониска за 18% во однос на минатата година како резултат на претходно наведените причини.
Вкупната актива изнесува 105.984.156 илјади денари и е поголема за 6% во однос на 2019 година.
Паричните средства и парични еквиваленти во споредба со крајот на 2019 година се пониски за 4.469.464 илјади денари, односно за 20%, како резултат на употреба на овие средства во кредитен пораст и зголемување на портфолиото на хартии од вредност.
Кредитите на други комитенти и побарувања од нив остварија пораст од 7%, во услови на пандемија и изнесуваат 70.999.971 илјади денари.
Кредитите на банки и побарувањата од банки изнесуваат 224.193 илјади денари и бележат намалување во однос на крајот на 2019 година за 8%.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 14.713.650 илјади денари што претставува зголемување од 69% во однос на минатата година. Имено, порастот на изворите на средства беше првенствено искористен за пораст на кредитното портфолио, додека вишокот ликвидност беше употребен за зголемување на портфолиото на хартии од вредност, од кои најмногу еврообврзници.
Другите побарувања забележаа пораст од 9% и изнесуваат 1,483.331 илјади денари.
Вкупните депозити на други комитенти остварија пораст од 5%, односно се зголемија за 3.765.137 илјади денари и на крајот на 2020 година изнесуваат 86.622.677 илјади денари.
Капиталот и резервите изнесуваат 17.356.769 илјади денари што претставува зголемување за 14% во однос на крајот на 2019 година, пред сè како резултат на остварената добивка што се задржа и не се распредели на акционерите. Во јуни 2020 година, Банката изврши зголемување на сопствените средства во износ од 15 милиони евра во денарска противвредност со прераспределба на добивката од 2019 година, со што се зголеми капиталната адекватност на Банката над пропишаните регулативни барања, како дополнителна поддршка на бизнисот и на идните перспективи на Банката.
Вложувања или продажба на материјални средства (недвижен имот, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи). Недвижниот имот и опремата бележат намалување за 2%.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30% во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити изнесуваат 529.540 илјади денари и се зголемени во однос на крајот на 2019 година за 315.196 илјади денари како резултат на користење средства за поддршка на компаниите од Развојната банка на РСМ.