ПОВЕЌЕ

    СТОП ЗА СТАРИ АВТОМОБИЛИ: Бугарската престолнина ќе се брани од аерозагадување со воведување построги зони со ниски емисии

    Време зa читање: 4 минути

    На стартот од зимската сезона, вообичаено поврзана со повисок степен на загадување на воздухот, главниот град на Бугарија, Софија, воведува мерки кои имаат за цел да го намалат аерозагадувањето во централното градско подрачје.

    Според одлуката на софиските градски власти, од 1 декември 2025 година до 28 февруари 2026 година, Зоната со ниски емисии во Софија се проширува со нов Голем Прстен.

    Првенствена цел – почист воздух во текот на зимските месеци, кога загадувањето е најзабележително. Според објавените мерки – Големиот Прстен не дозволува автомобили од екогрупата I (бензин: без еко, Евро I–II; дизел: без еко, Евро I–III). Малиот Прстен останува непроменет – екогрупите I и II не се дозволени таму (бензин: без еко, Евро I–III; дизел: без еко, Евро I–V).

    Граничните булевари и улици не се дел од зоната – сообраќајот на нив е дозволен.

    Системот на зони со ниски емисии (ЗНЕ) за прв пат беше воведен во Софија, Бугарија, на 1 декември 2023 година, кога стапија во сила ограничувањата за возилата што најмногу загадуваат во централната област на градот, „малиот прстен“.

    Зоните со ниски емисии се алатка што се користи со години во Европа за подобрување на квалитетот на воздухот во градовите и заштита на здравјето на граѓаните. Зона за чист транспорт е одредена област во градот (обично центарот на градот) каде што можат да возат само возила што ги исполнуваат стандардите за емисии утврдени од градските власти.

    ШТО ПРЕТСТАВУВААТ ЗНЕ?

    Зоните со ниски емисии (ЗНЕ) се области во многу европски градови кои ги ограничуваат возилата што најмногу загадуваат за да се подобри квалитетот на воздухот. Правилата варираат во зависност од градот и земјата, но обично бараат возилата да ги исполнуваат одредени европски стандарди за емисии или да платат такса за влез. Тие се широко имплементирани низ целиот континент во земји како Германија, Франција, Шпанија, Велика Британија и Данска.

    Повеќето ЗНЕ имаат правила засновани на европскиот стандард за емисии на возилото. На пример, една зона може да бара возилата да го исполнуваат барем стандардот Евро 5, додека други имаат построги барања како Евро 6.

    Спроведувањето често се врши преку камери што читаат регистарски таблички. Некои земји, како Германија, бараат специфична „еколошка налепница“ за возилата да влезат во зоните, додека други може да бараат претходна регистрација.

    Некои зони може да бараат такса или надомест за возила што не ги исполнуваат стандардите за емисии.

    Во Германија тие се наречени „Umweltzonen“ (еколошки зони), тие бараат специфична налепница. Во Франција многу градови имаат зони, познати како зони со слаби емисии (ZFE), кои можат да се однесуваат на различни типови возила.

    Иако веќе не е дел од Европската Унија, и Велика Британија задржа строги прописи кога се во прашање мерките против загадување на градските средини: Градовите имаат различни LEZ (Зони со ниски емисии) и зони за чист воздух (CAZ) со различни прописи, како на пример во Лондон, Бирмингем и Глазгов.

    Во Италија овие урбани зони се познати како Zona a Traffico Limitato (ZTL), тие се широко распространети во градските центри.

    И многу градови во Шпанија  имаат „zonas de bajas emisiones“ (ZBE) кои ги ограничуваат постарите, позагадувачки возила.

    Во Данска има зони кои ги ограничуваат постарите дизел возила, честопати барајќи од нив да имаат филтер за честички.

    Некои земји имаат и привремени зони за ниски емисии, кои се имплементираат за време на периоди на високо загадување на воздухот.

    Иницијативата за преиспитување на уделот на емисиите на автомобилите во аерозагадувањето во урбаните средини потекнува од Варшава, каде било утврдено дека автомобилите регистрирани пред 2005 година, иако претставуваат само 17% од сообраќајот во Варшава, се одговорни за 52% од штетните емисии од автомобилите.

    Ограничувањето на влегувањето на ваквите возила во зоните со ниски емисии значително би го намалило загадувањето на воздухот во урбаните средини. На пример, во Берлин, создавањето на „умвелтзона“, германскиот еквивалент на зона за чист транспорт, доведе до „подмладување“ на возниот парк и преполовување на емисиите на фини честички од возилата за само неколку години.

    Главната цел на зоните за чист транспорт не е да се ограничи сообраќајот на автомобили, туку нивното работење може да придонесе за редефинирање на улогата што ја игра автомобилот во животот на жителите на градот. Воведувањето зони со ниски емисии ги охрабрува граѓаните да користат други форми на транспорт и полека обликува нови навики за движење низ градот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично