Да не се заборави и никогаш да не се повтори – е пораката од првата годишнина на трагедијата во Кочани. Од пожарот во дискотеката „Пулс“ во која загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени. Од трагичниот 16 март досега, родителите и семејствата на настраданите секоја сабота одржуваа „Марш на ангелите“, а правдата ја бараат во судскиот процес што е во тек.
Во објектот, што по ниеден стандард не била дискотека, изгореа или се задушија: Диме Димитријев, Сара Алексова, Моника Спасова, Тоше Тодоровски, Александар Коларов, Адријан Живков, Александар Алексов, Горги Величков, Јорданчо Џамов, Иван Трајчев, Џоко Горгиев, Александар Глигоровски, Иван Величков, Андреј Стојанов, Ивона Антова, Павел Христовски, Никола Насевски, Тоше Богданов, Ана Коцева, Гордан Петрушов, Игорче Горгиев, Филип Стевановски, Томче Стојанов, Моника Стоименова, Стојанчо Стојанов, Сара Пројковска Николовска, Марија Шопова, Александар Горгиев, Петар Ивановски, Бојана Закова, Матеј Марковски, Горѓи Василков, Александар Петров, Андреја Горѓиевски, Марија Стрезоска, Александар Ефремов, Лепа Тасева Стојковска, Игор Велков, Божидар Минов, Мартин Атанасовски, Стефанија Соколова, Томас Златков, Кети Милковска, Виктор Јорданов, Андреј Панов, Спиро Стоименов, Јове Владимитов, Стефан Тасевски, Ице Андонов, Александар Стојанов, Сања Христова, Дамјан Танески, Андреј Лазаров, Драгана Минова, Филип Ивановски, Сара Јорданова, Леонид Велков, Надица Наунова, Димитар Иванов и Владимир Блажев Панчо.
Пред објектот беа поставени 63 бели срциња со испишани имиња и годините на раѓање на сите загинатите. „Нека светлината сведочи да не заборавиме. Нека тишината зборува за љубовта што останува“, порачаа од здружението „16 март 2025 Кочани“, кој беше организатор на синоќешниот собир пред „Пулс“, кадешто во 02:32 часот, времето на несреќата, запалија свеќи родителите, семејствата и граѓаните на Кочани.
Во рамките на одбележувањето, викендов во градот беа организирани повеќе настани за сеќавање на жртвите – велосипедска тура и кошаркарски натпрева. Промовирана е и книгата „Ќе те има“ од авторката Марина Стојчевска, посветена на болката, сеќавањата и љубовта за 63-те млади изгубени животи.
По тој повод, во Скопје се одржа Меѓународната конференција „Институционалните и клинички аспекти и решенија по пожарот во Кочани – една година потоа“, на која беа презентирани искуствата на здравствениот систем, од првичната интервенција и спасувањето човечки животи, до третманот, рехабилитацијата и системските решенија што треба да ја направат државата поотпорна во иднина. На настанот во владина организација говореа лекари и медицински експерти од странство, кои учествуваа во лекувањето на повредените.
Во Кочани денес беа и претседателката Гордана Силјановска Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, како и повеќе личности од политичката сцена.
Граѓаните на Македонија денес покажаа дека жртвите не се заборавени. Од плоштадот во Тетово денес беа пуштени 63 балони, а во струмичкиот градски парк беше засаден јавор како знак за солидарноста и вредноста на човековиот живот.
(Фото: Радио Кочани)
Аналитика








