Во период од неполни пет месеци, македонскиот дисконтер Стокомак реализираше извоз на домашни производи во Република Србија во вредност од 1,6 милиони евра. Преку оваа иницијатива, започната со отворањето на првата локација во Пирот, македонските производи сè повеќе се доближуваат до потрошувачите во Србија, при што веќе се присутни во три маркети во земјата.
Во наведениот период, на српскиот пазар биле извезени вкупно 1.000 палети со производи од македонско потекло, со што се потврдува значителниот раст на дистрибуцијата и присуството на македонски брендови на странскиот пазар.
Извозот е остварен благодарение на соработката со повеќе од 42 македонски компании, меѓу кои се вбројуваат познати брендови како: Жито Леб, Пекабеско, Витаминка, Макпрогрес, Кожувчанка, Биса Ком, Виа Пром, Прилепска пиварница, Млекара Николови, Осоговска млекара, Тетовска, Имако Вино, Стел Импекс и други. Производите на овие компании веќе се достапни на полиците во маркетите на Стокомак во Србија.
– Нашата визија е да ги приближиме македонските производи и брендови до потрошувачите на клучните пазари, со јасен фокус на квалитет и доверба. Србија е само првиот чекор во рамки на поширока стратегија за регионално присуство – велат од компанијата.
Дополнително, Стокомак најавува проширување на продажната мрежа во Србија со отворање на нови локации во наредниот период, со цел да се зголеми достапноста на квалитетни македонски производи до што поголем број потрошувачи.