За зголемување на платите – дополнителни 800 милиони денари. За повисоки пензии – 2,5 милијарди денари. За капитални проекти – уште 300 милиони денари. Повеќе средства за инфраструктурни проекти: плус шест милиони денари за проектна документација за нова сообраќајница во Општина Куманово; нови 50 милиони денари за исплата на социјални надоместоци; дополнителни пет милиони денари за Универзитетот „Гоце Делчев”. Ова е дел од содржината на Дополнетиот ребаланс на годинешниот Буџет, усвоен во Собранието. Од владејачкото мнозинство оценет како реално прилагодување кон економските приоритети, а секоја ставка е инвестиција во граѓаните. А, од опозицијата како предизборен поткуп и фискално неодговорен документ.
„Секоја ставка во овој ребаланс е заснована на реална потреба и на анализа на ефектите. Тоа не се трошоци, туку инвестиции во општествена стабилност, човечки капитал и инфраструктура”, нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Ребалансот овозможува прераспределба на средства меѓу буџетските корисници во согласност со актуелните приоритети, како и дополнително финансирање на проекти кои имаат забрзана динамика на реализација и носат значајни придобивки за развојот на земјата. Во оваа насока, рече министерката, обезбедени се дополнителни средства за животната средина, за енергетиката, културата, образованието. Исто така и здравството, со посебен акцент на набавката на инсулин и медицинска опрема.
„Ребалансот ја потврдува и заложбата за стабилност на домашната економија преку поддршка на домашните компании преку евтини кредити, реализација на општински инфраструктурни проекти, како и имплементација на инвестициски циклуси и проекти со стратешките партнери, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Краткорочен, нетранспарентен, штетен по фискалната стабилност, ребалансот е алатка за изборен популизам. Опозицијата изнесе сериозни критики и обвинувања, но на гласањето имаше само 14 гласови „против“.
Буџетскиот дефицит останува 41,3 милијарди денари што е четири проценти од БДП. Ја надминува законски дозволената граница од три, од максималните 3,5 проценти во исклучителни услови – некоја криза или глобален шок. „Денес немаме никаков глобален шок, ниту криза, туку имаме криза во планирањето, криза во отченоста, криза во вредносниот систем низ кој се креираат економските политики во државата“, смета Фатмир Битиќи од СДСМ. Воедно, нагласи дека од крајот на април па до средината на месецов, буџетскиот дефицит повеќе од двојно е зголемен. За него, тоа е показател дека фискалната контрола е изгубена, а јавната потрошувачка расте непродуктивно.
Спорно е и задолжувањето. Со ребалансот домашниот долг се зголемува за 3,15 милијарди, а надворешниот за 1,38 милијарди. Згора на тоа, забележа Битиќи, најавено ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината. Притоа, посочи на проценките од Фискалниот совет, дека јавниот долг ќе ја надмина дозволената границе, односно ќе достигне 62,1 проценти од БДП. Предупреди и на „скриените обврски“ од над 700 милиони евра, идентификувани од Фискалниот совет, кои не се внесени во официјалниот дефицит, но го оптоваруваат Буџетот.
На сите критики за предизборно скроениот ребаланс, министерката за финансии одговори:
„Со ребалансот нема да се финансираат кампањи. Ќе се финансираат проекти. Ќе се финансираат болници, училишта, патишта, градинки. Ќе се финансира развој”.
Таа порача дека државата не смее да биде ставена „во мирување” поради политички калкулации, и додаде дека е важно да се зборува со факти и визија, а не со сензационализми.
„Да направиме разлика меѓу расипничка потрошувачка и стратешки јавни инвестиции. Секој денар во Буџетот има своја функција – за здравство, за образование, за социјална заштита, за локален развој. Тоа не се трошоци – тоа се чекори кон подобро утре”, рече Димитриеска-Кочоска.
Во делот на задолжувањето, министерката потенцираше дека се работи за одговорно задолжување на домашниот пазар, со поволни услови, насочено исклучиво кон развојни проекти и капитални расходи. Таа нагласи дека јавниот долг е стабилизиран и управуван согласно фискалната стратегија, а сите обврски се сервисираат навремено.
„Овој ребаланс е изработен со фокус на реалноста, на граѓаните, на потребите на економијата. Тој е дел од визија за развој, не за застој. Тој не е совршен, но е нужен, искрен и одговорен обид да се управува со јавните финансии во една предизвикувачка година“, децидна е министерката Димитриеска-Кочоска.