Стапката на слободни работни места е 1,62 проценти. Состојбата е од второто годинешно тримесечје. Број на непополнети места во тој период е 8.059, додека вкупниот број на пополнети места е 489.447.
Највисоката стапка на слободни работни места, според податоците на Државниот завод за статистика, изнесува 3,33 проценти и е регистрирана во секторот рударство и вадење на камен. Станува збор за 150 места за кои никој не е ангажиран. Инаку, во секторот веќе работат 4.349 лица.
Наспроти тоа, најниските 0,25 проценти се во снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација. Празни се 18, а пополнети 7.170 работни места.
Најголем вработувачи се преработувачката индустрија која веќе брои 109.946 ангажирани лица и трговијата на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли со 85.073 вработени. Во овие два сектори се слободни 2.057, односно 1.845 места.
Статистиката покажува дека деловните субјекти со три до евет вработени имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,25 проценти. Или, има работа за уште 2.018 лица, покрај веќе вработените 87.733.
А, пак од регионален аспект, Пелагонискиот е со највисока стапка на слободни работни места – 2.66 проценти. Работната сила пополнила 48.246, а празни се 1.318 места.
Најголемиот број слободни работни места, 2.688, на крајот од јуни е забележан во групата занимања – работници во услужни дејности и продажба.