Од 12 октомври 2025 година, Европската Унија воведува нов дигитален систем за влез и излез (EES) кој ќе го замени претходното печатирање на пасошите. Оваа промена важи за сите граѓани на земји кои не се членки на ЕУ. Наместо печати, патниците ќе бидат подложени на биометриска идентификација – фотографирање на лице, земање отпечатоци од прсти и дигитална регистрација на лични податоци и информации за патување.
ШТО Е ЕЕС И КАДЕ ВО РЕГИОНОТ ЌЕ ПОЧНЕ ДА СЕ ПРИМЕНУВА?
Системот EES собира: отпечатоци од прсти, фотографија од лице, лични податоци и информации за патувањето.
Податоците ќе се евидентираат при секој влез и излез од Шенген зоната. Целта е модернизација и подобрување на граничната контрола, побрзи проверки на патниците, спречување на злоупотреба на документи и пречекорување на дозволениот престој.
Од државите-кои се членки на ЕУ во регионот, Хрватска е првата што го воведува EES на своите граници кон Србија и Босна и Херцеговина, информираат медиумите од регионот. Како што објави Министерството за внатрешни работи на Хрватска, системот е технички подготвен и ќе почне да се применува на сите меѓународни гранични премини со трети земји, вклучувајќи ги и оние кон Србија и Босна и Херцеговина. Ова значи дека од 12 октомври, сите патници од Србија и Босна и Херцеговина кои влегуваат во ЕУ преку Хрватска ќе поминат низ нова постапка.
Хрватското Министерство за внатрешни работи предупредува на можни гужви, особено во туристичката сезона поради дополнителното време потребно за регистрација на биометриски податоци.
На патниците им се препорачува: да ја проверат валидноста на пасошот пред патување, да бидат подготвени да бидат фотографирани и да им се земат отпечатоци од прсти, но и ја следат состојбата на границите преку Хрватскиот автоклуб
EES и ETIAS – ВО ШТО СЕ РАЗЛИКУВААТ?
Покрај EES, ЕУ го воведува и системот ETIAS. Со ETIAS, патникот аплицира онлајн, плаќа такса од 20 евра, а одобрението важи три години. Со EES, регистрацијата се врши секој пат кога ќе влезете во ЕУ, но не мора да плаќате ништо.
Новиот систем е планирано да се воведува постепено во текот на шест месеци. По тој период, печатите во пасошите повеќе нема да постојат – сите податоци ќе бидат дигитално евидентирани.
Ова особено ќе влијае на граѓаните кои често патуваат во ЕУ поради работа, студии или посета на семејството, бидејќи процедурите ќе бидат подетални, но и побезбедни.