ПОВЕЌЕ

    Стартапите мора да се поддржат, но не смеат да станат зависни од финансирањето – Елена Гинали во New Biz

    Време зa читање: 8 минути

    Неодговорно е да се каже дека со притискање на две копчиња ќе се добие замена за некој експерт во одредена област. Или, тоа што го прави вештачката интелигенција мора да биде контролирано од човекот. Но, без прифаќање на алатките на АИ, бизнисите ќе ја загубат конкурентноста, вели во поткастот New Biz основачот на Advance Edge Consulting, Елена Гинали. Позната и како мајстор за финансиски инженеринг.

    „Бизнисите мора да се адаптираат на новите алатки на вештачката интелигенција и што повеќе да ги користат, зашто само така би останале конкурентни во својот сектор. На различни начини сите овие алатки влијаат и врз опративната ефикасност на бизнисите, а тоа особено се гледа во финансиите и финансиските резултати од аспект на блокчејнот. Замислете интегриран систем кадешто истовремено сите учесници на една трансакција ги следат процесите што се случуваат. Саплај чејнот е многу подобро организиран со самото тоа. Побргу и автоматизирано се вршат плаќањата, самите ЦРМ системи што ги користат големите корпорации кои веќе се достапни од финансиски аспект, заменуваат многу процеси што претходно мануелно биле правени. Тоа го прави процесот полесен, поефикасен и овие системи комуницираат едни со други, значи лесно се интегрираат со друг систем. Тоа е и една од најголемите карактеристики на оние прорами и софтвери кои се најпрепознатливи во бизнис секторот и најмногу компании ги прифаќаат и ги користат, иако за некои мали и средни претпријатија сѐ уште се скапи, но правилна е одлуката да се инвестира. Информацијата е толку вредна и толку скапа во денешно време, па се гледа само начинот на кој полесно ќе биде достапна и ќе биде во вистинско време достапна за сите корисници на една платформа“.

    Стеснувањето на просторот за човечките грешки е голема придобивка од автоматизацијата на процесите, нагласува Гинали.

    „Од аспект на автоматизираните процеси, со исполнување на одредени услови коишто системот знае сам да ги препознае софтверски, се процесира автоматски плаќање, се даваат попусти автоматски. Значи, голем дел од процесите се заменуваат и нема грешка поради човечки фактор. Доколку станува збор за систем каде што се процесира нешто што може да биде видено од клиентот и проверено уште пред да се издаде фактурата, тогаш тоа ја намалува можноста за грешки, па враќање на фактурата, па со тоа одложување на плаќањето… Оттаму, на долг рок се гледа колку многи влијание имаат тие софтверски решенија и алатки на вештачка интелигенција во оптимизирањето на процесите, затоа што се добива квалитетна структура, минимизирање на грешките. Со тоа бизнисот е поефикасен, поефективен и нема потреба од толку многу луѓе во секој сектор. Тие луѓе што остануваат е многу битно да го трансформираат своето знаење, постојано да минуваат низ тренинзи и да се надоградуваат за да го користат системот и софтверот на најдобар начин на кој ќе си ја олеснат работата. А, на фирмата овие алатки и заштедуваат ресурси, време, попродуктивно се работи. За нас во финансии веднаш се гледаат резултатите и се автоматски видливи“, вели Гинали, истакнувајќи дека кај вешташката интелигенција е многу битен менаџментот на ризик.

    Вештачката интелигенција е од извонредно значење за бизнисите, но врз неа човекот мора да има контрола, посочува Гинали.

    Сите системи што се создадени од луѓето се подложни на грешка. И самите продажни агенти кога разговараш за набавка на некое ново решение во фирмата, укажуваат точно на тоа каде треба да се допроверат податоците, каде да се вклучи некој човек. Сѐ се сведува на тоа дека оној кој треба да ги контролира тие работи, мора да е експерт во областа. Имаме, на пример, и програми кои автоматски прават сценарија, добро, лошо и базично сценарио, врз база на претпоставки, на алгоритми, и на историски податоци, но и ризици земени предвид. Но, не целосно се ослонуваме на тоа. Значи, неопходен е човечкиот фактор, затоа што бизнисот сам по себе е непредвидлив. И не можеме да кажеме, неодговорно е да кажеме дека ќе стиснеме две копчиња и ќе имаме нешто што ќе може да замени некој експерт во областа. Значи, пак е потребно многу работа од страна на човечкиот фактор, но се убрзува работата на човекот“.

    Без оглед на сето тоа, бизнис процесите се многу позабрзани и многу повеќе може да се услужат други бизниси во сервисната индустрија, вели Гинали, која верува дека со текот на времето аномалиите на системите ќе бидат сѐ помалубројни. „И самата вештачка интелигенција учи да резонира и самата да донесува одлуки. Се надевам дека со тек на времето сѐ повеќе ќе можеме да се ослониме на вештачката интелигенција“.

    Со Advance Edge, Гинали обезбедува поддршка за стартапите, особено во подготовките за нивен настап пред потенцијалните инвеститори

    „Тоа лани ми дојде како идеја, затоа што видов некој гап на пазарот, дека ја немаат поддршката што им е неопходна во самиот почеток на нивното работење и при привлекувањето инвестиции. А, гледаме бизниси со огромен потенцијал, со прекрасни решенија, кои со мало водство би можеле да станат многу конкурентни. И тука ми стана интересно да се приклучам повеќе во тој дел и сѐ што знам од традиционалниот сектор да го адаптирам на она што е апликативно за стартап сцената. Базата на успешниот бизнис бара добро финансиско лидерство, стратешки одлуки, или не секогаш оној што е сопственик знае и може во истиот момент да ги донесе. Многумина од нив не можат да замислат што значи и колку е значајно да ја имаш таа финансиска поддршка во првите моменти од животот на стартапот, а и понатаму. Така, почнав да се вклопувам, да ги распрашувам стартапите што им е потребно, како можеме да ги поддржиме и направив план и структура за тоа како би можела да се позиционирам и во тој сектор“.

    Како ќе се материјализира производот, е првото тест прашање на кое треба да одговори сопственикот на стартап бизнисот. Гинали ги обучува како да ја стекнат довербата на инвеститорите, но и како да не станат зависни од инвестициите.

    „Секогаш почнуваме со прашањето – колку мислиш дека ти треба и како мислиш да го  монетизираш производот, услугата, сервисот, технолошкото решение што си го создал. Тука се гледаат првите дупки во знаењето, односно во самоувереноста. Правиме заеднички план како да го претставиме бизнис планот, финансискиот дел и проекциите, како ќе се монетизира, во кои сфери ќе настапи, колкав е пазарот што ќе го опслужува… Меѓутоа, во исто време сакам да ги натерам да не станат толку зависни од инвестицијата, туку во моментот кога имаш и поограничени ресурси, како во традиционалниот сектор, попаметно да ги користиш, пооптимизирано. Не велам не за финансирањето. Апсолутно сум голем поддржувач, но велам, ајде да не станеме зависни“.

    На прашањето дали македонскиот даночен систем го (де)стимулира развој на технологијата, поддршката и финансирањето стартапи, Гинали одговара:

    „Има работи кои треба да се подобрат и затоа сега создаваме лоби групи со различни сектори од стартапите, со кои сакаме да воведеме промени, со цел да им биде полесен патот до странскиот пазар. Зашто, ако уште во старт им ги кратиме крилјата, нема да стигнат подалеку од границите на земјата и не можат ни да очекуваат да бидат конкурентни на странските пазари. Повеќе се во делот на регулативите кои можат да се оптимизираат за да им се даде поттик и да не чувствуваат толкав финансиски товар, особено во доменот на двојното даночење, каде што треба малку билатерални и мултилатерални договори да ја засилат позицијата на Македонија“.

    Гинали ја сметаат и ја дефинираат како мајстор за финансиски инженеринг, а таа објаснува што тоа конкретно значи:

    „Тоа значи да си љубопитен не само за финансиите, туку и за оперативниот дел на бизнисот и целосно да го запознаеш бизнисот пред да почнеш да ги работиш финансиите. Инженерингот е, според мене, обратен инженеринг. Кога ќе ја видиме првата слика што ја добиваме за бизнисот ппреку постоечките резултати и финансиската анализа, веднаш се гледаат некои работи кои потенцираат на тоа дека некои процеси, оперативни делови не работат толку добро колку што би можеле. Се случува некогаш да има недоволен проток на информации, премногу грешки, премногу мануелна работа…, така што финансискиот инженеринг многу длабоко продира и во оперативното функционирање на фирмата. И гледа внатрешно да ги расчепка сите процеси во постоењето на претпријатието и да види што сѐ може да се оптимизира, да се подобри, со цел моменталната финансиска по шест месеци да делува сосема поразлично и поинаку. Не е сѐ возможно за шест месеци, но како некој рок за почетно гледање на придобивките од внатрешниот инженеринг. Во финансискиот инженеринг пак ќе го спомнам и менаџментот на ризик, кој е многу голем и битен дел во финансиите. Како човек од финансиите многу соработувам со правници, со интерни и екстерни ревизори, со цел да го опфатиме целиот дел на внатрешното и надворешното позиционирање на фирмата во однос на минимизирање на ризиците, проактивно да се види што сѐ може да тргне наопаку и да се работи кон отстранување на тие пречки“, вели Гинали.

    Елена Гинали во New Biz: Модерното претприемништво создава бизниси што можат добро да се продадат

    Од досегашното работење, како што наведува, согледала дека во Македонија има квалитетни бизниси, кои со поддршка можат да станат синоним за квалитет на глобалната сцена, со што би се привлекле странските инвеститори да вложуваат тука. Потребно е, нагласува, постојано надоградување, следење на сите трендови, оптимизирање и интегрирање на најновите дигитални алатки и софтверски решенија. „Ништо не се прави сам, сѐ се прави и далеку се стигнува само со здружени сили“, вели експертот за финансиски инженеринг.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на New Biz Podcast.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично