Иако бројот на возила во земјава во последната деценија е речиси двојно зголемен, возниот парк не се „подмладува“. Автомобилите се сè побројни и сè постари. Просечната старост на возилата достигна 19,4 години, а структурата по погон и натаму ја предводат дизел автомобилите. Ова произлегува од анализата на МИА, изработена врз основа на податоците од Царинската управа и од Државниот завод за статистика.
Во последните десет години над 80 проценти од увезените автомобили во земјава се половни. Само во 2025 година, за 11 месеци, биле увезени вкупно 62.069 возила, од кои 53.867 се патнички автомобили. На еден нов автомобил во просек доаѓаат 3,5 половни – увезени се 12.025 нови, наспроти 41.842 употребувани патнички автомобили.
Од 2009 година наваму, во земјава се увезени вкупно 631.574 патнички автомобили, при што 515.856, или над 81 процент, се половни. По 2009 година, кога 73,8 проценти од увезените автомобили биле нови, следува драстичен пресврт – од 2010 година половните целосно доминираат во увозот. Највисок удел имаат во 2012 година, кога достигнале 88,3 проценти, а и во 2025 година нивниот удел останува висок – 73,5 проценти.
Иако уделот на новите возила постепено расте – од 12,9 проценти во 2010 година на 26,5 проценти во 2025 година – минатата година, покрај рекордните 13.168 нови автомобили, биле увезени и 41.484 половни, што покажува дека половните возила и натаму го диктираат увозот.
Бројот на регистрирани возила во земјава е речиси удвоен во последната деценија – од 350.762 во 2012 година на 699.111 во 2024 година, со просечен годишен раст од околу 6 проценти. Најсилни скокови се забележани во 2013 година (+17,35 %) и во 2023 година (+15,62 %).
Патничките автомобили доминираат во структурата на возниот парк со стабилен раст од околу 5,6 проценти годишно, додека мотоциклите бележат највисок релативен раст – над 10 проценти годишно. Најбавен е растот кај автобусите, кои во 2024 година дури бележат пад од 3,7 проценти.
Секое трето возило во земјава е регистрирано во Скопје. Од вкупно 699.111 регистрирани возила во 2024 година, 229.546 се наоѓаат на територијата на главниот град. Ист удел има и кај патничките автомобили – 33,33 проценти, односно 193.356 од вкупно 580.210 регистрирани автомобили. Над 38 проценти од товарните возила, исто така, се регистрирани во Скопје.
Растот на бројот на автомобили не донесе обнова на возниот парк. Просечната старост на возилата е зголемена од 15,7 години во 2009 година на 19,4 години во 2024 година. Стареењето е најизразено кај патничките автомобили, кај кои просечната старост е зголемена за 3,7 години. Товарните возила стареат за 2,7 години, додека кај автобусите стареењето е најмало – само 0,7 години во период од 15 години.
Во 2024 година, над 87,9 проценти од автомобилите на патиштата биле постари од 10 години, а само 1,8 проценти биле не постари од две години. Во апсолутни бројки, во 2009 година имало околу 22 илјади автомобили не постари од две години, наспроти само околу 10 илјади во 2024 година. Над 455 илјади возила се произведени пред 2010 година, што значи дека не ги исполнуваат еколошките стандарди Еуро 5.
Од вкупно 580.210 регистрирани патнички автомобили во 2024 година, 365.947 се дизел, што претставува 63 проценти од флотата. Бензинските автомобили учествуваат со околу 26 проценти, односно 150.439 возила. Хибридни се 5.078, а електрични само 1.507 возила, што значи дека електричните и хибридните заедно учествуваат со околу еден процент во вкупниот возен парк.
Дизел возилата бележат континуиран раст и за една деценија се зголемиле за речиси два и пол пати – од 145.065 во 2014 година на 365.947 во 2024 година. Наспроти тоа, бензинските автомобили постепено го губат уделот – од 215.175 возила и 58 проценти удел во 2014 година, на 150.439 возила во 2024 година.
Иако сè уште маргинален сегмент, електричните и хибридните возила имаат највисоки стапки на раст. Во 2024 година бројот на електрични возила е зголемен за 169 проценти, а на хибридните за 295 проценти во однос на 2023 година. Сепак, нивното учество во вкупниот возен парк и понатаму останува симболично.
Аналитика








