
Република Македонија доби потврда за спроведувањето на економските политики од меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“, која го задржа кредитниот рејтинг на земјата на нивото BB- со стабилни изгледи.
Потврдата на рејтингот претставува сигнал за стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено и континуирано да ги сервисира своите финансиски обврски, како и да обезбеди континуитет во водењето на економските политики, и покрај зголемената глобална економска неизвесност.
Во извештајот, „Стандард и Пурс“ нотира дека економскиот раст забрзува, поттикнат од зголемените јавни инвестиции, особено во рамки на големите инфраструктурни проекти, како и од растот на приходите на домаќинствата, преку зголемување на платите и пензиите.
Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,5 проценти во 2026 година, додека на среден рок растот да се стабилизира на околу 3 проценти, со постепено зголемување на улогата на приватните инвестиции и надворешната побарувачка.
Во извештајот се нотира и определбата на Владата за забрзување на економскиот раст преку реализација на крупни инфраструктурни проекти, како и заложбите за зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на деловното опкружување, поефикасна наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.
Политиките, според агенцијата, се насочени кон поддршка на домашната побарувачка преку раст на платите и пензиите, паралелно со продолжување на процесот на фискална консолидација. Со усвоениот Буџет за 2026 година се предвидува умерено намалување на буџетскиот дефицит, проектиран на 3,5 проценти од БДП, при задржување на високо ниво на капитални инвестиции.
Приходите се очекува да растат побрзо од расходите, како резултат на подобрената наплата и солидната економска активност, додека расходната страна останува ориентирана кон капитални инвестиции во инфраструктурата, како и кон плати, пензии и социјални трансфери.
„Стандард и Пурс“ оценува дека фискалната консолидација е во тек, иако јавниот долг и натаму останува повисок во однос на периодот пред пандемијата. Надолните ризици поврзани со надворешното опкружување, особено економските движења во Европската унија, според агенцијата, во голема мера се избалансирани со отпорноста на домашната економија, стабилноста на финансискиот систем и претпазливиот пристап на монетарната политика.
Во извештајот се нагласува и дека понатамошниот напредок во спроведувањето на институционалните и структурните реформи, особено во делот на владеењето на правото и борбата против корупцијата, може дополнително да ја зајакне економската и фискалната позиција на земјата и да придонесе за подобрување на кредитниот профил.
Кредитниот рејтинг на земјата се оценува двапати годишно од страна на „Стандард и Пурс“, како и од агенцијата „Фич“, и претставува клучен индикатор за инвеститорите при носењето инвестициски одлуки, бидејќи го одразува нивото на ризик при инвестирање.
Аналитика








