Македонија во изминативе 15 години е претворена во градилиште, со тоа што на секој чекор се градат станбени згради. Од урбаните јадра до перифериите, градежната експанзија не запира – никнуваат згради, се множат облакодери, а небото станува сè потесно.
И покрај падот на бројот на населението и масовната емиграција, бројките говорат за урбана офанзива без преседан: речиси 50.000 дозволи за градба и над 108.000 нови стана, доволно за околу 330.000 луѓе – колку цел еден нов град.
Кој ќе живее во сите тие станови? Зошто се градат толку многу во земја што ја напуштаат цели генерации? И која е цената што ја плаќаме со урбаниот хаос – за видикот, воздухот и квалитетот на живеењето?
СТАНОВИ ЗА 330.000 НОВИ ЖИТЕЛИ!?
Тоа што се случува на терен, претворено во официјални статистички бројки извадени од Државниот завод за статистика, изгледа вака: за 15 години се издадени 48.366 одобренија за изградба на станбени објекти на територијата на целата држава и се изградени 108.772 стана. Ако претпоставиме дека во еден стан просечно би живееле по три лица, излегува дека во новоизградените станови треба да се вселат околу 330.000 граѓани. Колку за илустрација, според последниот попис од 2022 година, во Скопје има 562.502 жители.
Има и рекордни години во овој период, како на пример 2021 година, кога се издадени најмногу одобренија за градење: дури 4.069, што е двојно повеќе отколку, на пример, во 2013 година. Од 2010 до 2020 година бројката на издадени одобренија за градење се движи најмногу околу 2.800. Но, од 2021 година наваму се блиску до 4.000 одобренија годишно.
Кога станува збор за бројот на предвидени станови за изградба, рекордот е постигнат повторно во 2021 година, кога е предвидена изградба на 11.946 стана со различна големина. И во наредните години се движи блиску до 8.000 стана, додека претходниот тренд бил од 5.500 до 7.000, со исклучок на 2016 и 2017 година.
АЕРОДРОМ ГО ДРЖИ РЕКОРДОТ
Во целиот овој период, од 2010 до април годинава, најмногу дозволи за изградба на станови се издадени за општините Карпош, Битола, Тетово, Кичево, Гостивар, Струга и Струмица, а најмногу станови се изградени во Аеродром, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Охрид, Гостивар и Струмица.
Скопската општина Аеродром е вистински рекордер според бројот на изградени станови или во изградба. Од 2010 година досега се изградени 14.915 стана. Далеку зад Аеродром се Центар и Карпош, со 8.432 и 8.321 стана. Следуваат Гази Баба и Охрид, со по 6.637 стана, односно 6.211 станбени единици.
Во првата десетка на градови со најголем број изградени станови се и Гостивар, со изградени 5.468 стана, Ѓорче Петров со 5.306 стана, Струмица со 5.026, Тетово со 3.588, и Кичево со 3.294 стана. Како што може да се забележи, најмногу нови згради никнуваат во Скопје, што е логично затоа што станува збор за главниот и најголемиот град во државава. Од 67.198 стана изградени во топ десетте општини, дури 46.905 се во Скопје.
Нелогично е целото население од државата да се концентрира во еден град затоа што на тој начин се убива квалитетот на живеењето во тој град по сите параметри.
Новитет во последниве пет години е дека Охрид стана ново градилиште во земјава. За четири месеци оваа година е предвидена изградба на 413 стана, а лани за цела година се изградени 946. За споредба, во 2023 година биле изградени 658 стана, а во 2022 само 390. Пред 10 години, во 2015 година, биле изградени само 84 стана во езерскиот бисер на државава.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска