Пакување мандарини од Хрватска, кое било наменето за извоз на српскиот пазар, било сопрено на граница и било наложено да се уништи на безбеден начин. Имено, при увидот било утврдено дека овие мандарини потекнуваат од серија во која бил нелегалниот пестицид хлорпирифос, потврдија за „Блиц Бизнис“ од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Системот за брзо известување за безбедност на храната на Европската унија (РАСФФ) објави дека во примероците од мандарина земени во Хрватска на 18 октомври биле пронајдени 0,044 мг пестицид хлорпирифос по килограм и наредиле уништување на тие мандарини.
Како што информираа од српското министерство, ова е втора контроверзна пратка мандарини од Хрватска поради присуството на истиот пестицид, со оглед на тоа што претходна пратка, пред оваа што беше уништена, беше вратена во Хрватска.
Пестицидот хлорпирифос е забранет во ЕУ од почетокот на 2020 година, а во Србија од минатата година, освен за шеќерната репка, согласно одлуката на Министерството за земјоделство.
Годинава имаше неколку случаи во кои овошје и зеленчук од Србија, наменети за пазарите во Хрватска и Словенија беше враќано од граница поради тоа што контролите забележале присуство на пестициди и фунгициди над пропишаните вредности, а меѓу нив беше и пратка со праски, во која е пронајдено зголемено присуство на забранетиот хлоропирифос.
Минатата година српската министерка за земјоделие Јелена Танасковиќ дозволи интервентен увоз и употреба на забранетата активна супстанца хлорпирифос, која одамна не се користи во Србија, со образложение дека е потребен за заштита на шеќерната репка. Тоа покрена лавина критики од стручната јавност во Србија, од каде нагласуваа дека дел од увезеното количество на забранетиот пестицид завршило во овоштарството, иако не бил наменет за тоа, и дека потоа тоа го загрозило целокупниот извоз на земјоделски производи од Србија.