ПОВЕЌЕ

    Спорни вработувања, лошо управување со имот, бифеа без фискални сметки – Ревизијата за СОЗР 

    Време зa читање: 3 минути

    Низа системски слабости – од нефункционални финансиски контроли во бифеата, преку проблематични вработувања, до несоодветно управување со државниот имот откриле државните ревизори во работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата. Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на СОЗР заедно со ревизија на усогласеност за 2024, при што се издадени четири извештаи.

    Како сериозен проблем се посочени човечките ресурси и начинот на ангажирање кадар. Ревизорите наведуваат дека „големиот број на ангажирани лица преку приватни агенции за вработување, определено време и договор на дело за вршење на дејноста на СОЗР, влијае на континуираното обезбедување на услуги за други институции како и на квалитетот на информациите презентирани во финансиските извештаи“. Во текот на 2024 година, за 21 привремено ангажирано лице биле исплатени 3.274 илјади денари, а дел од нив биле ангажирани за редовни работни задачи на раководни позиции. Во извештајот се нагласува дека „дел од лицата се ангажирани за вршење на редовни работни задачи за работни места од категорија Б, односно раководители и помошник-раководители на сектори и одделенија“, иако овие позиции, согласно закон, бараат високо ниво на знаење, компетенции и сертификати. Дополнително, ревизорите укажуваат дека „значителниот број на вработени на определено време и привремено ангажирани лица, честата миграција како и недоволното вложување во унапредување на стручните компетенции на вработените, создава ризик во обезбедување на континуитет и квалитет“ при извршувањето на услугите.

    Финансиски ризици се детектирани кај угостителските објекти – ресторани и бифеа со кои управува СОЗР. Во извештајот експлицитно се наведува дека „не се изготвува Книга на дневни финансиски извештаи со регистрирани податоци за вкупниот промет и ДДВ предвидени со Законот за регистрирање на готовински плаќања“. Дополнително, ревизорите констатирале дека „уплатата на паричните средства остварени од наплатени услуги во готово се врши со задоцнување од неколку месеци“, при што има и уплати што потекнуваат од 2023 година. Особено загрижува фактот што „за месец јуни 2024 година не се издавани фискални сметки, ниту парагон блокови за остварен промет во готово“, а по извршениот попис е утврдена „разлика помеѓу сметководствената и фактичката состојба на залихите на прехранбени производи во главниот магацин, во износ од 4.187 илјади денари, без предложени мерки за решавање на состојбите“.

    Покрај ова, ревизијата идентификува и сериозни слабости во управувањето со државниот имот. Земјиштето со кое располага СОЗР, вреднувано на речиси 20 милијарди денари, не е целосно и точно евидентирано, при што ревизорите констатираат дека евиденцијата „не е усогласена со податоците од имотен лист или катастарска парцела, што влијае на проценувањето на неговата вредност“. Дел од земјиштето се води како сопственост на СОЗР иако е одамна продадено, а за повеќе локации институцијата нема податоци дали и за што се користат.

    Неправилности се утврдени и кај јавните набавки, управувањето со опремата и залихите, како и кај практиката за обезбедување службени возила по пат на лизинг, при што, според ревизорите, недостасува сеопфатна анализа на економската оправданост, а конкуренцијата меѓу понудувачите е ограничена.

    Државниот завод за ревизија дал препораки за преземање конкретни мерки со цел подобрување на финансиското управување, зајакнување на контролите и намалување на системските ризици во работењето на СОЗР.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично