„Окта“ откупи вкупно 84.636 сопствени акции во вредност од 500.775.578 денари или за нешто повеќе од 8,1 милион евра. Се работи за 28 трансакции реализирани во последователни три денови од минатата работна седмица. Единечната цена за акција се движи од 5.390 до 5.919 денари.
За оваа зачестена активност информираат и од Македонска берза и од компанијата. Според податоците, во средата се откупен најмалку, во петокот најмногу сопствени обични акции.
Првата информација вели: „На 17.07.2024 година ОКТА АД Скопје изврши откуп на 238 сопствени обични акции по цена од 5.390,00 денари за една акција, преку пет трансакции“. Тука се бележи и најмалата вредност од 1.282.820 денари, односно 20,8 илјади евра.
Следната објава е за откупени 1.639 сопствени обични акции по цена од 5.883 денари. Пресметката упатува дека преку остварените 20 трансакции откупот чинел 9.642.237 денари (156,6 илјади евра).
Кулминацијата е достигната во петокот.
„На 19.07.2024 година ОКТА АД Скопје изврши откуп на 82.759 сопствени обични акции по цена од 5.919,00 денари за една акција, преку три трансакции“, гласи берзанската информација. Значи, најмногу акции се откупени по највисока цена, а вредноста достигнува 489.850.521 денар. Или, 7,95 милиони евра.
Која е целта на компанијата?
„Окта“ испраќа порака до инвеститорската јавност дека треба да го насочи вниманието кон неа, бидејќи е стабилна и успешна. Сега и во иднина. Ова тврдење, освен теоретска има и практична подлога. Ваков чекор се прави кога одредена компанија смета дека нејзините акции се на некој начин запоставени, односно не се во центарот на вниманието на инвеститорите. Целта е да се поттикне интересот за тие акции на пазарот на капитал. И, по принципот на понудата и побарувачката – да се зголеми вредноста на акцијата.
Откуп од овој вид се прави и кога самата компанија цени дека нема соодветен простор за оплодување на вишокот средства со кои располага. Исто така, тоа значи дека парите се враќаат кај акционерите. Нешто како дивиденда, што отвора можности за нивно повторно вложување.
Според правилата на игра, пак, содржани во Законот за трговски друштва, за да се пристапи кон откуп на сопствените акции прво треба акционерското собрание да донесе одлука и да ги прецизира количината, минималната и максималната цена, како и периодот кога таквата операција би се извршила. Воедно, треба да се внимава номиналниот износ на откупот, заедно со акциите што ги има компанијата во своја сопственост, да не бидат повисоки од една десеттина од основната главнина.
Освен тоа, во извештаите што периодично ги доставуваат за текот и резултатите од работењето, друштвата што котираат на Македонска берза треба да ги посочат причините поради кои пристапиле кон откуп на сопствени акции.
Според полугодишниот статистички билтен, акцијата на „Окта“ достигнала максимална цена од 5.150 денари, минималната била 4.790, а просечната 4.982,45 денари. Во тие шест месеци се истргувани 637 акции преку 41 трансакција. Притоа, остварен е вкупен промет од 3.173.821 денар, односно од 51.559 евра.
М.А