ПОВЕЌЕ

    Со Закон против масовната употреба: Од први јули нема најлонски кеси ни за 15 денари

    Време зa читање: 3 минути

    Законските одредби стартуваат непосредно пред меѓународниот Ден без пластични кеси кој се одбележува на трети јули, со цел да се заштити природата од лошите навики – во светот годишно се употребуваат пет трилиони пластични кеси, секоја секунда по 160.000

    Јули ќе го почнеме без најлонски кеси. Пластичните и оксобиоразградливите кеси, кои од декември 2021 година во маркетите се продаваат по 15 денари, сега целосно се забрануваат со стапување во сила на одредбите од Законот за управување со пакување и отпад од пакување. Во употреба ќе бидат единствено биоразградливите кеси.

    Иако во периодот од нецели две години, од 32 фирми кои се занимавале со производство на овој вид амбалажа, дваесеттина ставиле клуч на врата, враќање назад нема. Процесот за намалување на употребата на пластичните кеси за еднократна употреба ќе продолжи, што е и обврска која државата ја презела од аспект на усогласувањето со законодавството на ЕУ. Овој став на производителите им го презентираше министерката за животна средина, Каја Шукова.

    Проблем за производителите, пак, е тоа што материјалот за изработка на биоразградливите кеси е тешко достапен, па има пречки во одржувањето континуирано производство. Оттаму и нивните барања да се ревидира законската регулатива и да се обезбедат еднакви услови на пазарот, со што ќе се елиминира нелојалната конкуренција која и натаму нуди бесплатни пластични кеси. Воедно, инсистираат да се намали надоместот за биоразградливите пластични кеси, кои би се продавале по први јули.

    Иако популарните најлон кеси се уште се во масовна употреба во трговијата, особено на зелените пазари, каде што воопшто наплатата не заживеа, од Министерството за животна средина го наведуваат податокот дека нивната примена е десеткратно намалена. Во маркетите дури за 85 проценти.

    Забраната во Македонија ќе стартува непосредно пред меѓународниот ден без пластични кеси, кој се одбележува на трети јули. Се одбележува од 2008, односно веќе 15 години, со цел да се подигне свеста за опасноста што ја носи нивната употреба за природното опкружување. Зашто, примената им е куса, пресметан е пресек од 12 минути, а за да се разградат треба да минат од сто до 500 години.

    Иницијативата за востановувањето на денот без кеси е на организацијата Zero Waste Europe. Во текот на првата година бил одбележан само во Каталонија, но од 2010 и во целата ЕУ. Податоците покажуваат дека во текот на таа година на територијата на ЕУ биле искористени 95,5 милијарди кеси, од кои 92 отсто биле пластични. Меѓутоа, пет години подоцна Унијата ја усвои Директивата за пластичните кеси за еднократна употреба и работите полека почнуваат да се менуваат.

    Бројките за произведените и искористени пластични кеси и натаму се алармантни. На веб страницата theworldcounts.com функционира бројчаник кој нон-стоп врти одбројувајќи ја оваа своевидна црна статистика. На дневно, неделно, месечно и годишно ниво (https://www.theworldcounts.com/challenges/waste/plastic-bags-used-per-year).

    Тука се пласирани и сознанијатата дека годишно се употребуваат пет трилиони пластични кеси. Во секунда – 160.000. Доколку се наредат една до друга, би го обиколувале светот по седум пати за само еден час. Или, би можеле целосно да прекријат површина двојно поголема од Франција.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично