Купувањето на контролниот пакет акции во Српската нафтена индустрија од страна на MOL од рускиот Газпром ќе им помогне на Будимпешта, Србија и Словачка да се спротивстават на енергетската уцена од Украина, изјави денес унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по состанокот со српската министерка за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, „Откако унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ ќе купи удел во српската енергетска компанија НИС, нафтените пазари на трите земји без излез на море – Словачка, Унгарија и Србија – ќе функционираат на координиран начин, а Унгарија ќе стане значително поотпорна на енергетската уцена од Киев, кој го суспендираше транзитот на руска нафта преку нафтоводот Дружба“, го цитира весникот Данас унгарскиот министер.
Тој истакна дека Унгарија и Србија се согласиле да ги забрзаат подготвителните работи за изградба на нафтовод меѓу двете земји, со цел да се подобри безбедноста на снабдувањето со нафта.
Сијарто нагласи дека новиот нафтовод значително ќе ја подобри безбедноста на снабдувањето со нафта и дека забрзувањето на подготвителните работи ќе овозможи побрзо решавање на ова прашање, според објавата на унгарскиот министер на Фејсбук.
Сијарто и Џедовиќ Хандановиќ се сретнаа во Вашингтон, каде што учествуваа на меѓународна конференција за енергетска соработка меѓу САД и земјите од Источна Европа. Сијарто, исто така, изјави дека за време на престојот во Вашингтон ќе ги информира американскиот секретар за енергетика Крис Рајт и секретарот за внатрешни работи Даг Бургум, кој управува со природните ресурси на земјата, за обидите за политичка уцена од страна на Украина, која ја блокираше испораката на руска нафта преку нафтоводот „Дружба“.
(Фото: NIS)
Аналитика








