Цените на маслиновото масло постигнаа нови рекорди. Тоа е последица на долгите сушни периоди кои ги погодија државите – големи производители, па намалени се и залихите на овој производ.
На глобално ниво, во текот на месецов цените на маслиновото масло се зголемија на 8.900 долари за тон, поттикнати од „екстремно сушното време“ на Медитеранот, се вели во извештајот на Министерството за земјоделие на САД, објавен неодамна.
Просечната цена веќе во август била за дури 130 насто повисока во однос на претходната година и не покажувала „знаци на попуштање“, го пренесува CNBC согледувањето на USDA.
Најглемиот светски производител и извозник на маслиново масло – Шпанија, со месеци наназад се соочува со интензивна суша. Исто така, го бележи и третото најжешко лето, со просечна температура за 1,3°C над нормалната, посочуваат од државната метеоролошка агенција AEMET.
Сатистиките од Mintec, глобалниот провајдер на податоци за цените на стоките, покажуваат дека производството на маслиново масло во Шпанија во изминатата сезона се намалило на околу 610.000 тон. Што означува пад поголем од 50 отсто во споредба со вообичаените од 1,3 до 1,5 милиони тони.
Сложеноста на состојбата предизвикува загриженост поради редуцираното производство и во другите европски земји, кои се во редот на големите производители на маслиново масло. Тоа, пред се, се однесува на Италија и на Грција.
Грција е вториот, а Италија третиот најголем производител на маслиново масло, според рангирањето од Меѓународниот совет за маслинки. Тоа е меѓувладина организација во која членуваат државите од кои произлегуваат над 98 отсто од севкупното производство на маслинки во светот.
Цените на маслиновото масло во Aндалузија, Шпанија, се дојдени до 8,45 евра за килограм, наведуваат од Mintec. И, тоа е „највисоката цена кога било забележана за шпанското маслиново масло“ во периодот од последните 20 до 30 години. Тоа претставува скок од 111 насто споредено со претходната година.