Акциите на кумановската ФЗЦ „11 Октомври“ и на „Окта“ се на врвот од двете декемвриски берзански листи – за најголем раст и најголем пад. А, во позитивната петорка се и двата вида акции издадени од скопската Стопанска банка.
На 30 ноември акцијата на ФЗЦ „11 Октомври“ Куманово имала просечна вредност од 199 денари. Еден месец подоцна – 394 денари. Првото место е нејзино поради зголемувањето од високи 97,99 проценти.
Со раст од 41,59 насто, обичната акција на Стопанска банка Скопје ја зазема втората позиција. Просечната цена на крајот од декември изнесувала 2.973,47 денари, за разлика од ноемвриските 2.100 денари.
Следува „Жито Лукс“ Скопје со акција која бележи месечна промена од 28,75 проценти. Поместувањето е од 80 на просечните 103 денари.
Убедливо најтргуваната на официјалниот пазар, акцијата на Комерцијална банка, на 30 декември чинела 28.440,34 денари, а на 30 ноември – 24.049,39 денари, што претставува промена од 18,26 проценти..
ЗА ЕДНА ГОДИНА ЈА УДВОИ ВРЕДНОСТА: Акцијата на Комерцијална банка посилна за 99,91 процент
Уште едно место за Стопанска банка Скопје, обезбедено со приоритетната акција и со растот од 15,85 насто. Во ноември имала просек од 650, а во декември од 753 денари. Инаку, оваа акција во ноемврискиот билтен беше позиционирана на првото место од негативната листа.
Сега челната позиција меѓу акциите со најголем пад е на „Окта“, заради месечната загуба од 12,16 отсто. На крајот од ноември имала просечна цена од 5.919, а на крајот од декември 5.199 денари.
Зад неа е акцијата на Стопанска банка Битола, чија вредност се намалила од 3.300 на 3.000 денари. Разликата е означена со минус 9,09 проценти.
Од второто место на плус листата во ноември, акцијата на „Македонијатурист“ сега е третопозиционирана според падот од 6,63 проценти. Од 9.050 денари на 8.450 денари.
Уште една акција која од позитива преминала во негатива. На последниот ден од единаесеттиот месец хартијата од вредност на „Прилепска пиварница“ била со просечна цена од 38.000 денари, а на 30 декември 36.000 денари. Бележи пад од 5,26 отсто.
Последна во оваа група, со намалување од три проценти, е акцијата на „Македонија осигурување Скопје – Виена Иншуренс Груп“. Просечната вредност од 1.200 опаднала на 1.164 денари.
М.А.
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
ЛАНИ ПОВЕЌЕ СЕ ОДЕЛО ПО КАФЕАНИ И ХОТЕЛИ: ЗА 9 МЕСЕЦИ СЕ ПОТРОШИЛЕ 270,2 милиони евра