Деновите на финансиска писменост се одбележуваат секоја година при крајот на месецот Ноември, период по промотивните периоди на штедењето преку „Месец на штедење“ кој се одбележува во месецот Октомври, како и 1ви Ноември „Националниот ден на осигурувањето“ кој исто така се користи за промоција и подигнувањето на свеста на населението за важноста и придобивките од осигурителните продукти на пазарот.
Првенствено, добро е да разграничиме што е тоа финансиска писменост и како истата придонесува во благосостојбата на поединецот. Дефиниција за финансиска писменост според Investopedia[1] е „способноста да се разберат и да се користат различни финансиски вештини при избор на финансиски продукти со цел управување со личните финансии, буџетирањето и инвестирањето“.
Најпрактична примена на финансиската писменост во нашето секојдневие е користење на основните банкарски производи како кредит и депозит во остварувањето на личните финансиски планови, а во последно време, со нивниот раст и понуда на пазарот, комбинирањето на осигурителни и инвестициски продукти во остварувањето на истите тие планови.
Па така, основа за финансиската писменост се временската вредност на парите (time value of money) и сложената каматна стапка (compounded interest rate) како концепти преку кои можат да се разберат сите понудени финансиски продукти на пазарот.
Дополнителен и многу важен сегмент на финансиската писменост е концептот на претворање на човечкиот во финансиски капитал или темата за успешен план за пензионирање, теми кои се обработувани на нашиот блог www.nikogassami.mk како наш придонес за подобра финансиска писменост во нашето општество. На крајот, но не и според важноста, е разбирањето на концептот на ризикот вграден во финансиските продукти и начините на управување со истиот.
Како овие теми можат да влијаат на нашата благосостојба? Првенствено, и најважна придобивка од зголемена финансиска писменост е избегнувањето на лоши финансиски одлуки. Дополнително, финансиската писменост треба да придонесе кон побрзо финансиско осамостојување и постигнување финансиска стабилност.
Еден едноставен пример за лоша финансиска одлука е непродуктивните задолжувања, односно задолжување за покривање на сегашна потрошувачка без истата да придонесе за зголемување на идните приходи и без конкретен план за враќање на долгот. Ефектите од оваа лоша одлука можат да доведат и до финансиска катастрофа доколку долгот е земен од институции и поединци кои нудат брзи кредити со високи камати.
Втор пример за лоша финансиска одлука е чување на финансиски средства народски кажано „под перница“ во услови на висока инфлација со каква се соочуваме денес. Листата може да се надополни и со инвестирање во ризични финансиски продукти (фондови) со средства кои со голема веројатност ќе бидат потребни во краток временски период за животни потреби или доспевање на некоја обврска, како и купување на полиса за животно осигурување како форма на штедење при неизвесни месечни примања, минимални или никакви ризици по животот на осигуреникот, немање долг и зависни лица.
Да бидеме реални, ова не е едноставен предизвик, посебно за земја со скоро никаква традиција на функционален финансиски пазар и релативно кратка историја на постоење на софистицирани штедни и инвестициски продукти. Денес живееме во време и систем каде што единствен одговорен за сопствената финансиска стабилност во работниот век, но уште поважно во деновите во пензија сме самите ние, па така потребата за што поголема финансиска писменост на населението е од суштинско значење, како за поединецот, така и за целото општество.
Финансиската писменост денес е предизвик и за општества со многу поголема традиција на функционален финансиски пазар, од причини што околностите се многу променети. Според Аналинда Лусарди, професорка по економија од Универзитетот Џорџ Вашингтон[2], денешните одлуки во врска со планирањето на пензијата кои треба да ги донесат младите луѓе се значително покомплексни од одлуките кои ги носеле нивните родители.
Големиот период на ниски каматни стапки ја исклучи можноста младите да штедат во некоја досадна банка без да се грижат каков е ефектот на инфлацијата. Во потрага по повисоки приноси тие се вртат кон акциските пазари на капитал како рационално место за остварување на долгорочните цели, но во исто време се изложуваат и на безброј можности да се направат катастрофални грешки.
Дополнително, повеќе од јасно е дека демографската слика кај нас, а и во Светот укажува на тоа дека државните пензиски фондови нема да можат да исплаќаат пензии во износ каков што исплаќале на претходните генерации, што е и една од причините за реформираниот пензиски систем и кај нас. Според Лусарди, „потребата од широко распространета едукација за како да се штеди и управува со средства е поголема од било кога“.
Доколку се прашувате, што јас можам денес да направам за да си ја подобрам сопствената финансиска писменост, би ве упатил на еден многу едноставен чекор: да си ја проверите вашата пензиска заштеда во вториот пензиски фонд. Контактирајте го Вашето пензиско друштво или директно, или преку овластен агент, погледнете ја динамиката на уплатени придонеси, остварениот принос на вашата заштеда и наплатените надоместоци, поставувајте прашања во однос на начинот на инвестирање и остварување принос, човечките и техничките потенцијали на Друштвото и очекувањата за иднината.
На ваше располагање е и државната регулаторна агенција МАПАС (Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување) каде можете да добиете информација во кое пензиско друштво се акумулира вашата пензија од вториот столб (https://mapas.mk/proverka-i-raspredelba-na-osigurenik/).
Важен извор на информации е и веб страната www.penzija.mk која е производ на заедничката едукативна кампања на пензиските друштва. Посебно е важно да бидете целосно информирани и при понуда да преминете во друго пензиско Друштво, одлука која може да има значајно влијание врз вашата пензиска заштеда.
Корисни извори на информации и текстови за финансиска писменост:
- Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС – https://mapas.mk/
- Пана, Теодора: „Праволо 50/30/20 за буџетирање“ – Корпоративен блог „Никогаш Сами“ http://nikogassami.mk/investiranje/pravilo-50-30-20-za-bu-etira-e/
- Добревска, Зорица: „Секуларни трендови како алатка за обезбедување на долгорочен раст и оддржливо инвестирање“ – Корпоративен блог „Никогаш Сами“ http://nikogassami.mk/investiranje/sekularnite-megatrendovi-kako-alatka-za-obezbeduva-e-na-dolgorochen-rast-i-odrzhlivo-investira-e/
- Радовски, Игор: „ESG практики во инвестициското одлучување на Сава пензиско друштво“ – Корпоративен блог „Никогаш Сами“ http://nikogassami.mk/interesno/esg-praktiki-vo-investiciskoto-odluchuva-e-na-sava-penzisko-drushtvo-a-d-skop-e/
- Бајатов. Ристо: „Колку пари ви требаат за рано пензионирање“ – Корпоративен блог „Никогаш Сами“ http://nikogassami.mk/interesno/kolku-pari-vi-trebaat-za-rano-penzionira-e/
- Младеновиќ. Слободан: „Никогаш не е рано да се размислува за пензија и пензиска заштеда“ Корпоративен блог „Никогаш Сами“- http://nikogassami.mk/investiranje/nikogash-ne-e-rano-da-se-razmisluva-za-penzi-a-i-za-penziska-zashteda/
- Здравковска, Марија: „Образованието на прво место“ – Корпоративен блог „Никогаш Сами“- http://nikogassami.mk/interesno/obrazovanieto-e-na-mo-noto-oruzh-e-koe-mozhete-da-go-koristite-za-da-go-promenite-svetot/
- Бојковска, Татјана: „Финансиски институции, PISA тестови, идни пензии и селективност“ – Корпоративен блог „Никогаш Сами“ http://nikogassami.mk/penziski-fondovi/finansiski-institucii-pisa-testovi-idni-penzii-i-selektivnost/
- „Се повеќе пари на пензионерите завршуваат во ESG инвестиции“ – Bloomberg Adria – https://mk.bloombergadria.com/biznis/kompanii/14919/se-povekje-pari-na-penzionerite-zavrsuvaat-vo-esg-investicii/news/
- Заедничка веб страна на пензиските друштва – www.penzija.mk
- Денови на финансиска писменост во организација на НБРСМ: https://www.nbrm.mk/ns-newsarticle-od-23-do-25-noemvri-godinava-ke-se-odrzi-sestoto-izdanie-na-denovite-na-finansiskata-pismenost.nspx
- Child and Youth Finance International, https://childfinanceinternational.org/
[1] https://www.investopedia.com/terms/f/financial-literacy.asp#:~:text=Financial%20literacy%20is%20the%20ability,a%20lifelong%20journey%20of%20learning.
[2] https://www.ft.com/content/b6a8107c-99f4-4a43-8adc-9686e6bd603e
Извор: www.nikogassami.mk – Сава пензиско друштво а.д. Скопје
Блог портал: НИКОГАШ САМИ