ПОВЕЌЕ

    Словенија меѓу либералите и десничарите – изборната трка до крај неизвесна

    Време зa читање: 3 минути

    Граѓаните на Словенија утре на парламентарни избори ќе гласаат за новиот состав на Собранието, од што зависи и кој ќе ја формира идната Влада. Се бираат вкупно 90 пратеници – 88 ќе бидат избор на 1.695.196 граѓани, а двајца ќе произлезат од гласовите на малцинствата. За мнозинство се потребни најмалку 46 освоеnи места.

    Овие избори се сметаат за еден од најтесните политички дуели видени во последните години. Главната трка се води помеѓу либералниот премиер Роберт Голоб и неговото Движење за слобода, кое ја предводи владината коалиција од 2022 година, и десничарскиот популист Јанез Јанша, кој зад себе има премиерско искуство во три мандати, со Словенечка демократска партија. Во кампањата доминираа теми од економијата, европската политика, надворешните односи и националната стратегија.

    Според последните анкети и анализи во медиумите, ниту еден од двата блока не се очекува да обезбеди апсолутно мнозинство, што го прави формирањето коалиција клучен фактор за составот на идната влада. Изборите се одржуваат во контекст на засилени политички тензии и контроверзии, вклучувајќи наводно мешање на странски актери во кампањата и различни пристапи кон важни економски и надворешнополитички прашања, како што се признавањето на палестинска држава и односите со Израел.

    Либералниот блок на Голоб се обидува да ја задржи власта, нагласувајќи ги европската ориентација и економската стабилност, додека Јанша и СДС се залагаат за популистички мерки, намалување на даноци и ограничување на финансирањето на медиуми и граѓански организации. Кампањата беше обележана со силни контроверзии и дебати за надворешното влијание, што ја заостри тензијата меѓу таборите непосредно пред гласањето.

    Пред самиот крај на кампањата, бомбастично одекна шпиунско-политичкиот скандал, во кој наводно се инволвирани израелски разузнавачки служби и десно-центристичката партија СДС, односно самиот Јанша, кој првично негираше какви било контакти со израелски разузнавачки служби. Потоа призна дека се одржале состаноци, но и тој и партијата остро ги отфрлаат тврдењата за злоупотреби или било каква вмешаност.

    Случајот за состанокот на поранешниот премиер со раководители од „Блек Кјуб“, приватна израелска разузнавачка фирма позната по нелегалното набљудување и тајните операции низ целиот свет, го откри „Младина“. Извештајот одекна во словенечката, но и во пошироката меѓународна јавност. Во Словенија покрена сериозна загриженост за потенцијални нарушувања на националната безбедност, бидејќи „Блек Кјуб“ се соочува со обвинувања за скандали со прислушување низ цела Европа, што предизвика повици за целосна истрага за неоткриените контакти на Јанша.

    Под влијание на овој скандал, последните предизборни анкети покажаа дека се менува перцепцијата на гласачите. Најголема доверба има владејачкото лево либерално движење. Конечната одлука ќе падне утре.

    (Фото: Novice.si)

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично