ПОВЕЌЕ

    СЛОБОДАН ТРЕНДАФИЛОВ: Ако платите не се зголемат, протести се можни уште од јануари

    Време зa читање: 4 минути

    Македонскиот работник е продуктивен, но е малку платен. Со сегашните плати голем дел од работниците живеат на работ на сиромаштија и немаат економска сигурност. Доколку платите не се зголемат, ќе постапиме согласно волјата на мнозинството – 99,5 отсто од испитаниците во анкетата на ССМ се подготвени уште од јануари да поддржат протести и штрајкови, вели за Пари претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.

    ПАРИ: Каде го гледате македонскиот работник во 2026? Во земјава или на печалба? Ќе заработува за да живее или да преживее?

    ТРЕНДАФИЛОВ: Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ македонскиот работник во 2026 година го гледа во сопствената држава, со стабилна работа и плата што обезбедува достоинствен живот. Но, ако продолжи трендот на ниски плати и растечки трошоци за живот, реалноста ќе биде дека сѐ повеќе работници ќе бидат принудени да заминуваат на печалба, а што се потврдува и со последната информација дека од почетокот на оваа година до ноевмри во Хрватска се издадени дозволи за работа на 11.384 работници од Македонија. Денес, за жал, голем дел од работниците работат за да преживеат, а не да живеат. Над половина од семејствата во државата живеат во сиромаштија покажуват податоците на ДЗС за претходната година. Според овие податоци секој петти граѓанин во државата е сиромашен. Затоа ССМ се залага за системски решенија со кои платата ќе биде доволна за нормален и достоинствен живот.

    ПАРИ: Што е приоритет – повисока продуктивност за повисока плата? Или повисока плата за поголема продуктивност?

    ТРЕНДАФИЛОВ: Сојузот смета дека повисоката плата мора да биде предуслов за повисока продуктивност. Работник кој е платен фер, мотивиран и почитуван е поефикасен и посветен. Не може да се очекува поголема продуктивност од работници кои едвај ги покриваат основните животни трошоци. ССМ инсистира дека инвестицијата во работникот е клучот за одржлива продуктивност и економски развој.

    Од податоците на Народната банка е јасно дека нето-добивките по вработен во македонските компании во 2024 година бележат значителен раст во однос на 2023 година. Овие официјални податоци недвосмислено ја потврдуваат високата продуктивност на работниците и целосно го разобличуваат лажниот наратив дека „работниците не биле продуктивни“ и дека поради тоа нема простор за зголемување на платите

    Нето-добивка по вработен во 2024 година:

    • Градежништво: 600.000 денари по вработен (речиси 10.000 евра)
    • Трговија, транспорт, складирање и угостителство: 300.000 денари по вработен
    • Индустрија: 200.000 денари по вработен
    • Информации и комуникации: 400.000 денари по вработен
    • Стручни и административни дејности: 300.000 денари по вработен
    • Вкупно – корпоративен сектор: просек од 300.000 денари по вработен

    Најголема манипулација на работодавачите е дека нема продуктивност и затоа не можат да се зголемат работничките плати, но реланоста е дека македонските работници се продуктивни, но се премалку платени.

    Овие бројки јасно покажуваат дека со сегашните плати голем дел од работниците живеат на работ на сиромаштија и немаат економска сигурност.

    ПАРИ: Кои се вашите претпоставени сценарија за идната година врз кои го креирате планот за дејствување во заштитата на работничките права?

    ТРЕНДАФИЛОВ: Доколку Владата и работодавачите се договорат до крајот на оваа 2025 година за зголемување на минималната плата по пат на социјален дијалог, фокусот ќе биде на раст на платите и подобрување на животниот стандард. Но, доколку Владата и работодавачите ја честитаат Новата година со најниски плати, вклучително и најниска просечна и најниска минимална плата во регионот и пошироко, тогаш секое одолговлекување значи свесно оставање на работниците во сиромаштија, а работниците веќе јасно се изјаснија – 99,5 отсто од испитаниците во анкетата на ССМ се подготвени уште од јануари да поддржат протести и штрајкови.

    ССМ ќе постапи согласно таа волја.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично