ПОВЕЌЕ

    СЛАТКАРНИЦА СО ПРОМЕТ ОД 247 ИЛЈАДИ ЕВРА – Рецептот за успех е кај Бајро во „Палма“

    Време зa читање: 3 минути

    Каде на сладолед и боза? На фигаро, падобранец, оревовка? А, на трилече? Каде, ако не во „Палма“. Веројатно нема жител на скопски Карпош кој, случајно или намерно, не навратил во слаткарницата на „Партизански одреди“ 121. Исто така, голема е веројатноста дека и на скопјани им е познат овој слаткарски бренд и големата понуда од традиционални и трендовски колачи и торти, заедно со десетиците вкусови сладолед. Општопознат е и податокот – никогаш не се случило, поради која и да е причина, инспекциите да ја жигосаат со лента на која пишува „затворено од…“.

    Татковците и синовите Бајро скоро цели пет децении ја исцртуваат линијата на успехот. Вратите на „Палма“ се отворени од 1976 година. Оттогаш, во и пред „Палма“, врвулица од луѓе, од утро до полноќ, особено во летнот период. За тоа каков финансиски стимул му даваат посетителите на овој семеен бизнис, говори текстот што Пари го направи користејќи ги податоците од Бизнис Мрежа.

    Бројките покажуваат дека љубителите на слатки минатата година во слаткарницата потрошиле 15.221.678 денари, или над 247 илјади евра. За 21,39 насто повеќе во споредба со претходната 2023 година. Тогашниот промет изнесувал скоро 204 илјади евра.

    Подготовката на слатките, одржувањето на локалот, вработените и сите останати ставки од работењето се рефлектираат врз висината на трошоците. Лани работата чинела 193,6 илјади евра. На расходната страна, за една година е забележана нагорна промена од над 37 проценти. Или, за повеќе од 50 илјади евра.

    Оттаму, на крајот од 2024 година кај добивката е запишан пад од близу 14 отсто. Од над 56 илјади евра во 2023 година, на 48,5 илјади евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    За муштериите да немаат приговори и повторно да дојдат во „Палма“, лани се грижеле петмина вработени. За еден повеќе од преклани. Секој од нив одработил по 49,5 илјади евра. Ефикасноста опаднала за 2,89 отсто – приходот по вработен во 2023 година изнесувал 51 илјада евра.

    Во меѓувреме, нивните плати се зголемени за 20,45 проценти. Преклани била исплатувана просечна плата од 347 евра, а лани од 418 евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Уште еден интересен податок: обврските кон добавувачите „Палма“ ги расчистува, во просек, за 48 дена. Што е значително подобро од просекот на оваа индустрија, кој изнесува 356 дена. Со други зборови, „Палма“ е во редот на фирмите кои не оставаат неисплатен долг – плаќаат на време, понекогаш и предвреме. Освен што е добар бизнис сигнал, тоа уште кажува – зад витрините со десерти – има финансиска дисциплина.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично