Една третина од испитаниците опфатени со истражувањето на Аналитик тинк-тенк се изјасниле како енергетски сиромашни, а за подобро согледување на состојбата утре ќе биде презентиран Прирачникот за разбирање и постапување со енергетска сиромаштија
Енергетската сиромаштија не е проблем само на сиромашните. Тоа е мултидимензионален проблем кој засега голем број граѓани и мора да земе централно место во енергетската транзиција, покажало истражувањето спроведено од Аналитика тинк-тенк. Во кое, една третина од испитаниците се изјасниле како енергетски сиромашни.
Сознанијата покажуваат дека лицата во енергетска сиромаштија, односно оние кои кратат на основните потреби – храна, лекови или превоз за да ги покријат трошоците за енергија, претпочитаат поголема контрола на монополот во енергетскиот сектор и подобра социјална заштита отколку директна помош во вид на субвенции.
„Енергетски ранливите лица го поддржуваат развојот на енергетските задруги и можноста на граѓаните да произведуваат енергија, поголема улога на општините и Народниот правобранител во енергетската транзиција, подобра усогласеност меѓу енергетските и социјалните мерки со цел намалување на енергетска сиромаштија, како и полесен пристап на граѓаните до средства за финансирање на енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“, наведуваат од Аналитик тинк-тенк.
Исто така, се посочува дека подобрување на заштитата на потрошувачите е најважното барање на енергетски ранливите лица, кое се однесува на подобра регулација и поголема отчетност на компаниите кои се занимаваат со снабдување на електрична енергија и топлина.
Додека, пак, мерките кои се во насока на намалување на енергетската сиромаштија, како што е Програмата за енергетски ранливи потрошувачи и Програмата за поттикнување на енергетска ефикасност и обновливи извори кај домаќинствата, не се ефикасни во совладувањето на проблемот. Пред се, поради тоа што „не ги покриваат потребите на лицата во енергетска сиромаштија“. И, како што се истакнува, „особено предмет на критика во однос на доделување на субвенциите е принципот на прв дојден – прв услужен, бидејќи ги поддржува оние лица кои можат да купат нови технологии и без субвенциска поддршка“.
Од Аналитик тинк-тенк укажуваат дека енергетската сиромаштија не ја претставува само неможноста да се платат сметките за енергија, туку треба да се смета за дел од потребата да се гарантира задоволување на сите основи потреби во домот – за греење, ладење, превоз, комуникации…
„Ова а важно, бидејќи скриена енергетска сиромаштија е кога граѓаните им даваат предност на плаќањето на сметките за електрична енергија и греење, но за да го постигнат тоа намалуваат трошоци за други основни потреби, како превоз, храна и слично“.
Во тој контекст се посочува дека „еден од најголемите предизвици со кои енергетски ранливите граѓани се соочуваат, кој е истовремено и проблем на голем дел на оние кои не се енергетски ранливи, е покривањето на непредвидени трошоци, што укажува дека граѓаните немаат доволно финансиски заштеди кои би ги инвестирале во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“.
За подобро согледување на состојбата, Аналитика тинк-тенк утре ќе го презентира Прирачникот за разбирање и постапување со енергетска сиромаштија Р. С. Македонија. Наменет е за широка група чинители кои работат на енергетски, социјални, еколошки, здравствени, родови, климатски и сродни прашања, за да се информираат за повеќедимензионалните аспекти на енергетската сиромаштија која засега се поголем број граѓани, особено како резултат на енергетската криза и зголемувањето на цените на енергенсите. Прирачникот илустрира повеќе аспекти на енергетската сиромаштија и нуди 28 препораки. Изработен е во рамки на проектот „Енергетска сиромаштија на агендата”, финансиран од здружението Еко Свест, а имплементиран од Аналитика тинк тенк.