Винаријата Сковин оди во стечај. Одборот на директори донесе одлука за поднесување на предлог за отворање на стечајна постапка. Одлуката е објавена на Македонска берза.
,,Согласно Правилата за котација на Македонска берза АД Скопје, Сковин АД Скопје известува дека Одборот на директори на ден 28.12.2021 година донесе Одлука за поднесување на предлог за отварање на стечајна постапка пред надлежен суд поради блокада на трансакциска сметка на друштвото повеќе од 45 дена”, се вели во одлуката.
СКОВИН АД Скопје за периодот Јануари-Декември 2020 година оствари оперативна загуба во износ од 37.112 илјади денари искажана во Неревидираниот Биланс на успех.
Во 2020 година нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување на ставките во финансиските извештаи споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи.
Остварените вкупни приходи во периодот Јануари-Декември 2020 година изнесуваат 6.213 илјади денари и во споредба со остварените вкупни приходи во 2019 година бележат пад од 96%. Оперативните приходи во износ 6.200 илјади денари учествуваат со 99,9 % во вкупните приходи и истите бележат пад од 95 % во споредба со оперативните приходи во 2019 година, како резултат на реализирање на купопродажбата на подвижен и недвижен имот и поради непостоење на сопствено производство и продажба.
Финансиските приходи изнесуваат 13 илјади денари и бележат намалување од 81 % во однос на 2019 година.
Вкупните расходи во износ од 36.246 илјади денари бележат пад од 69 % во однос на вкупните расходи во 2019 година , што се јавува како резултат на намалувањето на трошоците за суровини и материјали во однос на 2019 година за 94 %, како и поради извршеното вредносно усогласување на тековни средства во 2019 година .
Финансиските расходи во износ од 482 илјади денари бележат намалување од 90 % во однос на 2019 година.
На 31.12.2020 година друштвото нема долгорочни обврски. Вкупните тековни обврски изнесуваат 409.667 илјади денари. Поради негативната вредност на капиталот и резервите, а што произлегува од поголемиот износ на вкупни обврски од вкупни средства, голем дел од обврските на СКОВИН АД Скопје спрема матичното друштво Фершпед АД Скопје ќе остане неподмирен.
Согласно Одлуката за одобрување на голема зделка-продажба на подвижен и недвижен имот и пренос на трговски марки донесена на Собранието на акционери одржано на 27.11.2019 година се дореализираа купопродажните договори во износ од 1.950.000 евра во денарска противвредност за продажба на згради и објекти, деловни и помошни простории и други објекти, градежно изградено земјиште и земјиште под згради, преостаната опрема, основни средства и инвентар и возила и механизација од точките 1.1, 1.2, 1.3, 1.5 и 1.6 од Одлуката .
Согласно горенаведеното Сковин АД престана со работа во областа на одгледување, преработка и производство на производи од винова лоза и го намали бројот на вработени лица . Со средствата од продажбите подмирени се најголем дел од обврските кон добавувачите, освен обврските кон матичното друштво Фершпед АД Скопје.
Сковин АД Скопје за периодот Јануари-Декември 2020 година оствари негативен финансиски резултат искажан во неревидираниот Биланс на успех во износ од 37.581 илјади денари.
Поради остварените акумулирани загуби и поради неможност Сковин АД Скопје да остварува позитивен финансиски резултат, матичното друштво Фершпед АД Скопје уште во 2019 година одлучи да не продолжи со финансиска поддршка неопходна да се обезбеди континуитетот во работењето на Друштвото.
Најголем дел од своето вино Сковин го пласираше во регионот и на пазарите од Европската Унија. Други знaчајни пазари се и оние на Далечниот Исток, како Русија, Јапонија и Кина, со кои има воспоставено долгорочна соработка, а извезеното количество во овие земји од година во година сè повеќе се зголемува. Вината на можеа да се најдат и во прекуокеанските земји, како Австралија, Канада и САД.
Винарницата „Сковин“ беше во сопственост на „Фершпед“, а недвижниот имот (деловни и помошни простории и градежно земјиште), подвижниот имот (инвертар, возила и механизација) и залихите (шишиња и етикети согласно спецификација од 16 август годинава) се продадени за околу 3,5 милиони евра во 2019 година на Балкан Холдингс ПТЕ.ЛТД од Сингапур кој го купи брендот „Сковин“ и продолжи со работа како „Винаријасковин група“. Трговските марки беа продадени за 5.000 евра.