
Скопје и Македонија следната недела ќе бидат во центарот на светската енергетска сцена. Огромен интерес – Над 1000 пријавени учесници од повеќе од 70 земји – меѓу кои високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти – ќе се соберат во главниот град на Република Северна Македонија за да ја обликуваат иднината на енергетиката и одржливиот развој.
Во периодот од 28 до 30 октомври 2025 година, во Скопје ќе се одржи 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија / From Goals to Action: Powering the Future with Sustainable Energy“.
Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Северна Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA).
Форумот ќе започне со официјално отворање на 28 октомври (понеделник) во Македонска филхармонија, кое ќе биде пренесувано во живо преку Македонската радиотелевизија (МРТВ).
На свеченото отворање ќе се обратат:
- Премиерот на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски
- Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини
- Армен Григорјан, постојан претставник на Обединетите нации во Северна Македонија,
- Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE),
како и високи претставници на владите, меѓународните организации и енергетскиот бизнис-сектор.
Во текот на тридневниот форум ќе се одржат низа панел-дискусии, технички сесии и тематски разговори на кои ќе се разгледуваат најактуелните прашања поврзани со енергетската безбедност и отпорност, финансирањето на чиста енергија, дигитализацијата на системите, управувањето со критични суровини, праведната транзиција, како и улогата на младите и жените во енергетската трансформација.
Целта на форумот е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.
Во рамките на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларацијата“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со ова, Македонија ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.
Аналитика








