ПОВЕЌЕ

    Скопје стана центар на регионалната стартап сцена: Првпат регионот обединет на Startup Revolution AI Summit

    Време зa читање: 5 минути

    Четиридневниот Startup Revolution AI Summit, одржан од 27 до 30 ноември 2025 година, го претвори Скопје во најголемиот собирен простор за претприемачи, инвеститори и визионери од целиот регион. За првпат регионалната стартап заедница беше обединета на настан што собра повеќе од 1200 учесници од регионот и од пошироко. Основачи, иноватори, инвеститори и претставници од Косово, Албанија, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Словенија, Грција, како и учесници од Романија, Естонија и други земји пристигнаа во Скопје носејќи свежа енергија и нови перспективи за развојот на претприемништвото.

    Самитот привлече реномирани говорници и инвеститори од Саудиска Арабија, Израел, Цирих, Данска, Бугарија, Естонија, како и професионалци од САД, Велика Британија, Турција и други значајни центри на технолошката и инвестициската сцена. Над 20 организации и повеќе од 100 компании од регионот го поддржаа самитот, а повеќе од 40 стартапи ги претставија своите решенија пред домашни и странски инвеститори.

    Атмосферата на настанот беше поставена уште од првиот ден, кога Среќа Бар беше домаќин на забавата за добредојде за сите учесници пристигнати на 27 ноември. Таму се одржа и мало експо за претприемачи, поддржано од Унијата на млади претприемачи, на кое се претставија Enisa Kardii, April 22, Paws Trittion, POPIN Bags, Pivo Labs и Living Globally. Истата вечер се одржа и инфо-сесијата за Имам Идеја 3 – хакатон кој служеше како претселекција за третата инкубаторска програма фокусирана на бизнис идеи развиени со поддршка на вештачка интелигенција. Оваа година програмата беше официјално поддржана од Make и Lovable, два од најбрзо растечките европски стартапи кои решија конкретно да ја поддржат инкубаторската програма.

    Официјалната агенда започна на 28 ноември во Македонската филхармонија, каде домаќините ги поздравија гостите на главната сцена. „Самитот го обедини регионот на начин што досега не сме го виделе,“ истакна Сашо Јовановски, претседател на Стартап Клуб Скопје. „А најважно – веќе сме во исчекување на првата инвестиција што произлезе директно од разговорите на самитот. Тоа е доказ дека не создадовме само програма, туку вистинско движење со конкретни резултати.“

    Попладнето беше отворена Стартап Сцената, модерирана од Елена Костоска, каде стартапи и експерти презентираа нови платформи и регионални приказни. Меѓу компаниите беа Veda Accounting, Shigi Studio, Icanpreneur, како и стартапи како PathKeeper, Hylosense, Factum AI, FinqUp, Pixlye.AI, Paket.mk, Microtica и други.

    Паралелно, на главната сцена на 28 и 29 ноември настапија експерти како Jerry Naumof (европски експерт за продажба и лидерство), Francesca Hongston (стратег за развој на иновациски екосистеми), Ufuk Batum (професор и претприемач со глобално искуство во комерцијализација на технологија), Dr. Khalid Al Kawil (инвеститор и советник за меѓународен развој), и Zaid Nabulsi (AI продукти во Google и член на тимот кој работеше на Google Gemini). Тие оставија силен впечаток со својата експертиза и визија за тоа како стартапите може да се позиционираат во новата ера на технологијата.

    Вечерта на 28 ноември заврши со специјално издание на Fuckup Nights Skopje, додека на 29 ноември беше организиран инвеститорски и спикерски brunch инспириран од традиционални јадења од преспанскиот регион, проследен со претставување на македонската културна сцена. Во двата дена функционираше и екпо зона со повеќе од 15 компании.

    На 29 ноември, Среќа Бар повторно беше центар на енергијата со голема забава предводена од светски познатиот диџеј Галоски, на која беа прогласени 15-те стартапи што продолжуваат во инкубаторската програма Имам Идеја 3.

    Завршницата на 30 ноември беше посветена на неформално дружење – прошетка до Водно со тимот на Стартап Клуб Скопје. „Овој настан целосно ја промени сликата за македонскиот стартап еко-систем на регионално ниво,“ истакна Ана Секуловска, програмска директорка и водител на самитот. „Сериозноста со која настапивме носи нова одговорност, но и нови соработки. Поврзаноста и енергијата што ја создадовме сѐ уште одекнуваат и една недела по самитот пристигнуваат импресии, контакти и нови предлози за партнерства.“

    Програмата на самитот се одвиваше на четири внимателно избрани локации: Среќа Бар и Стартап Клуб Скопје, Македонската филхармонија, Националната опера и балет и ИНОКС Центарот, создавајќи спој на co working простори, културни институции и иновативни локации.

    Остварувањето на самитот не би било возможно без поддршката на клучните партнери ProCredit Bank, Nebula, Native Teams, Happiness Marketing и HeyReach, кои со својата визија и посветеност помогнаа да се изгради настан од највисок квалитет.

    Startup Revolution AI Summit беше препознаен како силна регионална платформа за вмрежување – дел од учесниците го споредија со Slush и Web Summit, што претставува големо признание за првото издание. Организаторите веќе ги објавија датумите за следната година: 1–4 октомври 2026, повторно во Скопје, со уште побогата програма и поголемо меѓународно учество.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично