Сѐ додека стапката на економскиот раст е многу пониска од висината на каматите кои се плаќаат за позајмените пари од странство, Македонија ќе се соочува со неодржлива состојба во доменот на јавните финансии. Коментарите од овој вид често се присутни низ годините наназад, а последниве се поттикнати од предупредувачкиот извештај на Државниот завод за ревизија, чија суштина е – внимателно со јавните финансии, ефикасноста на сервисирањето на долговите може да биде доведена во прашање во услови на зголемени потреби за финансирање во државата.
Исто така, економистите посочуваат дека јавниот долг како процент од бруто домашниот производ е навлезен во критичната зона од над 60 проценти, па оттука и високите трошоци за неговото сервисирање. Со тоа, пак, слабее моќта на државата да се спротивстави и подготвено да одговори на евентуални нови шокови или кризни состојби, без оглед од која страна доаѓаат.
Ревизијата на ДЗР под лупа ги става мерките и политиките за сервисирање на јавниот долг за 2021, 2022 и 2023 година. Во тој контекст се укажува дека јавниот долг е на ниво од 62,1 процент од БДП, а од 2025 до 2028 ќе мора да се плаќаат обврските што произлегуваат од издадените еврообврзници. Или, во тој период за наплата ќе стигнат 2,87 милијарди евра. Оттаму и ревизорската препорака – и покрај дизајнираната системска сеопфатна правна и институционална рамка и добиените позитивни оценки од ЕУ и од ММФ, потребно е претпазливо управување со јавните финансии. И тоа, преку одржливо ниво на јавен долг и соодветна фискална политика.
А, каква и да е состојбата, долговите се плаќаат. Тоа го констатираат и ревизорите – примената на процедурите во процесот на сервисирањето на јавниот долг и воспоставеното електронското банкарство со НБРСМ овозможуваат навремено и точно плаќање на доспеаните обврски за сервисирање на јавниот долг.
Воедно се цитира и проценката од ММФ наведена во Програмата за реформа на управувањето со јавните финансии 2022-2025: „Долгот се оценува како одржлив во основното сценарио. Сепак од перспектива на ликвидност, потребите за финансирање го надминуваат прагот на висок ризик во основното сценарио“.
Ревизорите забележуваат дека во државниот Буџет не се прикажани реалните бруто потреби за финансирање на државата, што доведува до намалена транспарентност и нецелосно прикажување на приходите и расходите во Буџетот.
Фискалната политика преку финансирање на буџетскиот дефицит има значајно влијание врз нивото и одржливоста на јавниот долг, посочуваат од ДЗР. Тука се наведуваат и различните податоци за јавниот долг – 58,26 отсто од БДП според проекциите на Министерството за финансии, а 62,01 процент според податоците на Државниот завод за статистика.
Со ревизијата се нагласува и тоа – иако сѐ уште не се надминати фискалните правила утврдени со Законот за буџети, сегашното ниво на јавниот долг бара во иднина претпазливо управување со јавните финансии преку одржливо ниво на јавен долг и фискална политика со соодветно ниво на буџетски дефицит.
Наскоро ќе дојде и новото задолжување од 500 милиони евра. Среќа што не е милијарда како што се најавуваше, коментира дел од економската јавност, додавајќи дека за каматата ќе може да се каже дека е поволна, доколку државата почне да бележи повисоки стапки на економски раст. Притоа, се нагласува, не е во прашање само висината на долгот, туку и намената на парите и капацитетот за отплата. За дел од средствата е јасно, тие 250 милиони евра наменети за стопанството нема да ги отплаќа државата. А, доколку успешно се ефектуираат, тоа ќе се одрази и во БДП. Сепак, засега постои стравување дека ова задолжување ќе го зголеми јавниот долг.
Дека е многу важно како се користат парите, се согласува и министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска која, сепак, не ги прифаќа таквите пресметки за раст на јавниот долг. Како што изјавуваше, со ребалансот можеби ќе има одредени изместувања, но веќе од следната година секаде каде што има простор и е непредуктивно ќе се скрати, а и буџетското планирање ќе биде многу посериозно и многу потранспарентно. Уште повеќе, тврди таа – секое ново задолжување мора да биде продуктивно.
Секако, упатно е да се следат ревизорските препораки: мерки кои вклучуваат анализа на институционалната рамка за управување со јавниот долг за намалување на оперативниот ризик, точно прикажување на финансиските потреби во Буџетот, примена на анализа за одржливост на долгот при креирање на фискалната политика, дефинирање на јасна методологија за пресметка на долгот и анализа за прикажување на обврските – краткорочни и долгорочни за камати.
М.А.