Маржите во трговијата на големо и на мало ќе се ограничат на десет проценти. Со мерката која се очекува да биде донесена на денешната најавена вонредна владина седница, би требало да бидат опфатени повеќе од сто групи производи. Премиерот очекува драматично намалување на цените, а трговците предупредуваат – во прашање се доведува опстанокот на 86 трговски фирми, кои имаат 790 продавници и 4.700 вработени. Кон сета драматика се приклучија и од опозицискиот СДСМ. Имаат седум предлози за сузбивање на појавите кои го уриваат животниот стандард.
Потегот што денес ќе го официјализира владиниот кабинет, како што веќе информираа, се заснова на сознанијата добиени од Државниот пазарен инспекторат. Во сеопфатната анализа биле детектирани големи отстапувања кај маржите на одделни видови производи.
„Очекувам да има драматично намалување на цените на оние производи кои вистински ги користат граѓаните“, истакна премиерот Христијан Мицкоски. Притоа, и тој и Владата им препорачаа на маркетите јавно, на своите веб-страници да ги објавуваат цените на сите производи. Со обврска за внесување на дневните промени.
За претстојнот владин зафат, се изјаснија и од новооснованата Стопанска комора на трговците:
„Со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Воедно, ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и реструктурирање на работењето и затворање на маркетите“, повикувајќи се на пазарната економија, на понудата и побарувачката, а укажуваат дека досега во цените не се мешала ниту една влада.
Оттаму и нивното барање за итна средба со владините претставници, со цел да се утврдат реалните причинителите на состојбите, да се бара одговорност од нив, а не вината да им се префрла на трговците. Кои, како што велат, имаат давачки кои се зголемувале во текот на годините.
Според нивните анализи, пак, маркетите не се одговорни за поскапувањата. Ценовната политика е во рацете на доставувачите и производителите.
„Никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите. Додека трговците работат со минимални профити, доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените“, пишува во соопштението од Комората на трговци на големо и мало, претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, за која наведуваат дека е основана на 10 месецов и е во фаза на упис во Централниот регистар.
И маржите и цените да се замрзнат, но и да се намали ДДВ на прехранбените производи и на струјата, се дел од сетот мерки што ги најави лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Посочи дека мерките за маржите не само што се задоцнети, туку се и однапред најавени, што им дозволува на трговците и на маркетите дополнително да ги зголемат цените, за потоа да не го осетат замрзнувањето на маржите. Воедно, истакна, од една мерка нема да има ефект и затоа ќе предложат сет мерки.
„Првата мерка е намалување на ДДВ на струјата од 18 на 5 проценти. На пример, за сметка од 3.000 денари намалувањето ќе биде за околу 400 денари. Намалување на ДДВ на основните прехранбени производи и оваа мерка во комбинација со дополнителни политики за замрзнување на маржи и на цени може да овозможи намалување на цените на некои прехранбени продукти и за 30 отсто. Замрзнување на цените на основни прехранбени производи во следните три месеци. Фиксирање на маржите на основни прехранбени производи за да се елиминира ризикот од манипулации“, наведе Филипче.
Освен тоа, инсистираат на итно спроведување на Законот за нефер трговски практики, на намалување на цената на зелениот картон за автомобили и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонесите. Или, сумата за придонеси да остане на сегашното ниво, а зголемувањето кое може да биде од 3.000 до 15.000 денари да оди кај работниците.
Овој сет мерки ќе го стабилизира системот и ќе им го олесни животот на граѓаните, уверен е Филипче.
Додека да дојде до каква било стабилизација, потрошувачите не можат да пазарат без калкулатор. „Порано со 300 денари од пазар се враќав со полни торби, сега тие пари се доволни за два килограми компири, килограм кромид и три килограми јаболка, од од оние најевтините, три за сто. А, со илјадарка во маркет, што попрво“, е коментарот на граѓаните, кои постојано се во очекување да се најде некој што ќе понуди вистинско решение.
За потсетување, синдикалната минимална кошница, чија веродостојност на избраните производи и потреби е оспорена од Владата, одамна покажува дека месецот не може да се врзе без илјада евра. А, само за јануари тежеше 63.252 денари. Се однесува на четиричлено семејство, а не на тричлено како што укажуваат од владејачката партија, повикувајќи се на податоците од последниот попис, за кој, патем, своевремено сугерираа да се бојкотира.
„Според пописот во земјава има 1.836.713 жители кои живеат во вкупно 598.713 домаќинства. Просечен број на членови во едно домаќинство е 3 (три). Вкупен број на домаќинства со еден, два и три члена се 359.684, 60% од домаќинствата во Македонија се со максимум три члена. Број на домаќинства со 4 члена е 117.084 или околу 20% од вкупното. Останатите околу 20% од вкупниот број домаќинства се со 5 и повеќе членови. Зошто вредноста на месечната потрошувачка кошничка ја пресметуваме за четиричлено, а не за тричлено семејство?“, напиша на социјалните мрежи професорот Трајко Славески.
Што се однесува до кошницата, министерот за економија Бесар Дурмиши најави дека до крајот на месецов ќе биде изготвена новата методологија. Дали ќе се базира на тричлено или четиричлено семејство не е познато, но веројатно ќе бидат елиминирани некои од производите кои ги коментираше премиерот. Можеби и цигарите, иако според европските статистики, Македонија се вбројува меѓу најпушачките земји. Што и да одлучат, синдикатите нема да отстапат од пресметувањето на својата кошница, со вредности кои потврдуваат дека не може добро да се живее ниту со просечната плата од безмалку 42 илјади денари, а камо ли со минималецот и износот од 22.567 денари.
М.А.