ПОВЕЌЕ

    СЕРИОЗНА ГРУПАЦИЈА СО ДОБРА ПОНУДА – Нова можност за Стопанска банка Битола

    Време зa читање: 4 минути

    Официјално известување за намера да се даде понуда за преземање пристигнало до Управниот одбор на Стопанска банка Битола. Испраќачот е српската Алта Груп ДОО Белград. Понудени се по 3.777 денари по акција издадена од Стопанска банка Битола.

    Со официјалната најава за намерата се потврдија информациите на Пари за можното преземање на домашна од странска банка. Односно на две банки, од кои едната е Стопанска банка Битола.

    Битолската Стопанска банка има издадено 390.977 обични акции. Што значи, во нив Алта Груп би инвестирала околу 24 милиони евра.

    „Известуваме дека Управниот одбор на Стопанска банка а.д. Битола на ден 20.5.2025 година, согласно член 22 став 1 од Законот за преземање на акционерски друштва доби известување од Алта Гроуп ДОО Београд дека има намера да даде понуда за преземање до 100% од обичните акции со право на глас издадени од Стопанска банка а.д. Битола.

    Во добиеното известување стои дека согласно член 26-а од Законот за преземање на акционерски друштва покрај согласностите од домашните тела и институции вклучувајќи, но не ограничувајќи се на претходна согласност од Народната банка на Република Северна Македонија, понудата е условена и со претходно одобрување на концентрација од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата на Република Србија (Странско одобрение). Во известувањето стои дека ќе биде поднесено и барање за добивање на дозвола за понуда за преземање до Комисијата за хартии од вредност, по добивање на Странското одобрение, а секако по добивање на согласностите од домашните тела и институции. Доколку странското одобрение не биде добиено, намерата ќе се смета за повлечена и нема да биде дадена понуда за преземање“, пишува меѓу другото во објавата на Банката.

    Кој е потенцијалниот инвеститор на Стопанска банка Битола?

    Тоа е компанија која секогаш е чекор пред пазарните трендови и пред потребите на своите клиенти – со технологии, апликации и услуги, може да се прочита на одделни специјализирани српски сајтови. Алта банка, која е во целосна сопственост на Алта Груп се издвојува како една од најбрзо растечките и најиновативните банки во Србија.

    Станува збор за наследникот на поранешната Јубмес банка, формирана во 1979 година. Притоа, се посочува дека трансформацијата на банката стартувала во 2019 година со промената на сопственоста, кога доминантен сопственик станува Алта Груп. Оттогаш има постигнато значајни резултати.

    За период од пет години базата на клиенти е зголемена повеќекратно. Фокусот на кредитната активност е насочен кон корпоративниот сектор. Минатата година Алта банка ја завршила со оперативна добивка од 20 милиони и со нето-профит од 16,2 милиони евра.

    Банката која функционира со 504 вработени, има пазарен удел од 1,84 проценти, за разлика од 2019 година и тогашните 0,5 проценти. Позиционирана е како банка со најбрз раст. Нејзината актива е во износ од над една милијарда евра.

    Освен тоа, Алта банка има сопствен истражувачки и развоен центар, каде што тим од експерти развива технолошки решенија. Тоа ѝ ја дава предноста брзо и безбедно да реагира на барањата на пазарот.

    Оваа банка има намера да ја преземе Стопанска банка Битола, чии минатогодишни резултати се добивка од 2,6 милиони евра, што е спротивно од 2023 година кога беше регистрирана загуба од околу три милиони евра. Вкупната актива на битолската банка е 178,7 милиони евра.

    Малата банка е интересна за големите банки. Лани имаше понуда за преземање од Комерцијална банка – 3.200 денари за акција, која не беше прифатена од мнозинството акционери.

    Во очекување сме дали Стопанска банка Битола ќе добие нов сопственик. А, само за потсетување, последното преземање на домашната банкарска сцена се реализира во 2019 година – Групацијата Шпаркасе презеде 91,57 отсто од Охридска банка, а за тоа плати 48 милиони евра.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично