Аристид Маџунков веќе нема сопственички удел во Неметали Огражден од Струмица. Сите свои 4.732 акции ги отстапил во вид на подарок или како наследство на Марко и на Никола Маџункови.
За настанатата промена во значителни удели информираа преку Македонската берза:
„Сопственикот на значителен удел Аристид Маџунков го намалил својот значителен удел од 11,77% сопственост на 0% сопственост, односно од 4.732 на 0 обични акции со право на глас, и повеќе не е сопственик на значителен удел.
Со значителен удел се стекнале лицата Марко Маџунков од 3,67% сопственост на 8,38% сопственост, односно од 1.457 на 3.372 обични акции со право на глас, и Никола Маџунков од 1,38% сопственост на 8,38% сопственост, односно од 555 на 2.817 обични акции со право на глас“.
Оваа промена, како што веќе објави Пари, е направена минатата недела по пат на нетрговски трансфер. Што значи дека акциите се или подарени или се добиени во наследство. Аристид Маџунков е генерален извршен директор и претседател на Одборот на директори. Економистот Марко Маџунков е управител на ДПТУ Огражден-Микромикс увоз-извоз ДООЕЛ – Струмица, а Никола Маџунков е лекар специјалист и директор на ПЗУ поликлиника на примарно ниво Мартини – Струмица.
Струмичкото акционерско друштво, чија основна дејност е експлоатација и преработка на минерални суровини има издадено 40.215 акции. Просечната вредност за акција е 1.900 денари, а датира од последениот ден на тргување – 27 февруари. Податоците од Македонска берза покажуваат дека нема многу трансакции со оваа акција. Во последните 52 недели, односно една година, забележани се три тргувања. При последното во февруари биле истргувани 118 акции со промет од 224.200 денари.
Минатата година Неметали Огражден ја заокружиле со приход од 197.426 илјади денари 3,2 милиони евра (послаб резултат во споредба со 2023 и 2022 година) и со добивка од 3.180 илјади денари. Овие речиси 52 илјади евра претставуваат четирикратен пад во однос на прекланскиот профит од 12.899 илјади денари (209,7 илјади евра). Годинава, пак, по одработеното прво тримесечје, регистриран е операривен приход од 47.755 илјади денари (776,5 илјади евра) и загуба од 3.533 илјади денари (57,4 илјади евра) која, сепак, е пониска од забележаната во истиот лански период.