
Минатата година на 16.166 фирми им била блокирана сметката. Ако се земе предвид дека во 2025 година имало 171.164 правни субјекти, како што покажуваат податоците од Централниот регистар, грубата математика покажува дека речиси секоја десетта фирма лани „паднала“ под блокада. Некоја еднаш, некоја и повеќепати, така што вкупниот број на извршени блокади бил дури 58.778, покажува анализата на „Пари“ во соработка со Бизнис мрежа.
Сметката на фирма (правно лице) се блокира кога постои извршна основа за присилна наплата. Најчестите случаи се: правосилна судска пресуда, решение за извршување од извршител, нотарски платен налог, извршна исправа од државен орган. Блокадата, практично, може да биде иницирана од доверители на кои фирмата им должи пари по фактура, ако не враќа кредит, не исплаќа лизинг итн. УЈП ќе ја блокира за неплатени даноци, придонеси или за други јавни давачки.
Анализата покажува дека најподложни на блокади се трговските фирми. Најчесто не можат да ги исполнат своите обврски, или да ги вратат долговите микрофирмите, а најнеповолен месец им е август.
ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД БЛОКАДИТЕ СЕ ВО ОБЛАСТИТЕ ТРГОВИЈА, ПРЕРАБОТУВАЧКА ИНДУСТРИЈА И ГРАДЕЖНИШТВО
Од вкупно 58.778 извршени блокади, во три дејности заедно се спроведени повеќе од половина од блокадите. Тие се: трговијата со 15.022 блокади, преработувачката индустрија е зад неа, но со речиси двојно помалку блокади – 8.922, и градежништвото со 7.711 блокади. Со поголема цифра е и ставката сместување и послужување храна ‒ 6.958 блокирања, како и ставката транспорт и складирање ‒ 5.593 блокади.
Во анализата има и компании од „финансиска и осигурителна дејност“ и таму вкупниот број на блокади бил 239. Во секторот образование, блокирања сметки имало 229 пати, а на тапет, со 5 блокади, се нашла и дејноста јавна управа и одбрана: задолжително социјално осигурување.
Јавните претпријатија и општините се поштедени од целосни блокади на сметка, затоа што се заштитени со регулатива којашто не дозволува извршување под минимален износ неопходен за нивната работа, а тој праг го одредува судот со вештачење.

Извор: Бизнис мрежа
МИКРОФИРМИТЕ СЕ НАЈРАНЛИВИ
Микрофирмите по дефиниција имаат до 10 вработени и годишен приход до 50.000 евра. Оваа категорија е најранлива во однос на своето работење и обезбедување ликвидност, па така таму има и најголем број на блокирања на сметките – дури 38.364 блокади, или 65,3 насто од вкупниот број на блокирања.
Следат малите претпријатија со 18.422 блокирања, или 31,3 насто. Малите претпријатија, по дефиниција имаат од 10 до 50 вработени и годишен приход до 2 милиони евра.
Средните компании имаат до 250 вработени и годишен приход до 10 милиони евра. Тие лани биле подложени на 1.098 блокади.
На опашката во табелата со завршени блокади се големите компании. Но, треба да се земе предвид дека и нивниот број е многу помал во однос на микро- и малите компании.

Извор: Бизнис мрежа
Очекувајте! Кои компании се рекордери по број на блокади на сметката
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Аналитика








