ПОВЕЌЕ

    СЕКОЕ ЗГОЛЕМУВАЊЕ Е ДОБРЕДОЈДЕНО, но линеарното е негација на столбовите во пензискиот систем

    Време зa читање: 7 минути

    Целта на новата Влада е повозрасните граѓани да имаат подостоинствени пензионерски денови, во најубавите години од својот живот да се чувствуваат пристојно и достоинствено. Така кажа Христијан Мицкоски на првата средба што како премиер ја имаше со пензионерите од Велес. За почеток, сите ќе добијат по пет илјади денари. На две рати, по 2.500 денари во септември и во март идната година. Кога и според методологијата на претходната владејачка гарнитура им следува усогласување со порастот на просечната плата и на животните трошоци. Што ќе биде потоа, секако, властите ќе најдат решение.

    Но, дали за тоа се бореа пензионерите на минатогодишните протести?

    „Линеарното зголемување, колку на прв поглед да ни изгледа како ‘најдобро решение’, е во  некоја рака и опасно решение. Штом го применувате, многу блиску сме и до линеарното  намалување. Да се потсетиме, пред неколку години бевме сведоци на линеарно намалување на  пензиите во соседството. Никој не посакува такво решение и тука швајцарската формула е  најсигурна заштита“, вели некогашниот даночник, а сега пензионер-активист, Славко Лазовски од пензионерското движење „Тука сме“.

    ШВАЈЦАРСКАТА ФОРМУЛА Е НАЈДОБРО РЕШЕНИЕ, А ИМА САМО ЕДНА МАНА…

    Секое зголемување на пензиите е добродојдено, но предупредува – не смее да се напушти швајцарската формула за адекватност на пензиите, затоа што во светот никој не понудил подобро решение. Таа формула нуди неколку алтернативи на адекватност, од поконзервативна каква што е нашата, преку подарежлива – со примена на највисоката стапка во стопроцентна големина, па сѐ до најдарежливата, која е збир од двете стапки.

    „Швајцарската формула има една голема мана. Не дава добри резултати на лош пензиски систем. Па, незадоволството од неа повеќе е доказ дека пензискиот систем е со огромни слабости. Добриот пензиски систем швајцарската формула го прави уште подобар“, уверен е Лазовски. Притоа, додава – ако таа формула доминира во земјите членки на ЕУ, тогаш нема бегање од неа. „Фактички, ако еднаш сте ја вовеле, ако е најдоброто решение во светот, и ако ја напуштите или ја  потиснете настрана, тогаш не е проблемот во неа“.

    Исто така, Лазовски советува – кога ги бараме најдобрите, потрајните и одржливите решенија, да  не бидеме оптоварени со моменталните финансиски состојби на Фондот на ПИОМ. Зашто, тоа ќе нѐ однесе кон погрешни решенија. Неповолната финансиска положба на Фондот може брзо и на  долгорочна основа да се подобрува и тенденцијата е во таа насока.

    „Нашиот пензиски систем работи со преголеми трошоци на одржување. И по тоа сме редок случај во светот. Да потсетам дека нашиот пензиски систем троши сам за себе од 2 до 2,5 проценти од  БДП. Тоа се огромни трошоци и не смее понатаму да се толерира“, укажува Лазовски.

    За „Тука сме“ вели дека основните полиња на делување се – унапредување на пензискиот систем; адекватност на пензиите; подобрување на здравствената заштита на пензионерите; и борба за намалување на пензионерската сиромаштија. И, предложиле низа поединечни  решенија.

    „Се залагаме за адекватност на пензиите како поширок третман од усогласувањето на пензиите, но не како издвоено прашање од унапредувањето на пензискиот систем. Нашето залагање беше проблемот со најниските пензии да се решава со посебен закон за минимална пензија, како што  имаме Закон за минимална плата. Нашиот нацрт-закон предлагаше, меѓу другото, зголемување само на најниските пензии, тоа да престане за износите кои се во категоријата високи пензии. Ако  износот е одреден на 48.000 денари, тоа значи над тој износ нема зголемување по овој основ“.

    Линеарното зголемување на пензиите, во суштина е негација на повеќестолбноста на пензискиот систем, смета Лазовски.

    „Убаво е за нас да добиеме нешто повеќе по било кој основ, но каков ќе е тој однос кон младата генерација? Вториот столб е поставен на основата – сѐ што издвојувам за себе е за мене и оди на  мојата лична сметка. Тој принцип на груб начин се крши со линеарното зголемување. Мора да се  постави прашањето – до каде е границата на меѓугенерациската солидарност?“, коментира Лазовски. И, поставува уште две прашања: „Зошто мора сѐ да правиме спротивно од она што се  прави во ЕУ и пошироко во Европа? Толку ли сме во батак, па не можеме да ги следиме современите тенденции?“.

    НАЈНИСКИ ПЕНЗИИ ЗА 87.722 ПЕНЗИОНЕРИ, НАЈВИСОКИТЕ ЗА 25

    Додека пензионерите го очекуваат септември, кога со реализацијата на ветените пет илјадарки ќе ја добијат првата половина од 2.500 денари, кои можеби ќе им се најдат во подготовките на зимница, статистиката на ПИОМ ги бележи актуелните состојби.

    Суштината е дека во евиденцијата на Фондот се 337.871 пензионер, во мај е исплатена просечна пензија од 21.287 денари, 87.722 пензионери ги имаат најниските, а 25 највисоките пензии од 80.280 денари. Сите припадници на оваа најмала група средствата ги добиваат по основ на старосна пензија. Што значи дека во текот на работниот стаж имале високи плати, за кои се плаќале исто така високи придонеси.

    Што се однесува до просечните пензии, најниски се земјоделските, а најголеми воените. Помеѓу тие две нивоа од 10.939 и 29.910 денари се сместени семејната, инвалидската и старосната пензија. Само просекот на последнава го преминува прагот од 20 илјади денари.

    Извор: ПИОМ

    Најниските законски дозволени пензии, зависно од периодот на оствареното право за заминување во пензија, се движат во распон од 13.192 до 16.909 денари. Со најмалиот износ во секојдневието се справуваат 2.472 пензионери. А, со највисокиот од најниските – 888. Во овие категории најбројна е групата со 50.401 пензионер, чии месечни примања се 13.852 денари. Тие во структурата зафаќаат 65,75 проценти.

    Корисници на најниските законски пензии

    Извор: ПИОМ

    Во мајската статистика на ПИОМ најнизок е процентот на оние кои имаа пензии кои го надминуваат износот од 57.481 денар. Станува збор за 0,85 отсто од пензионерите или 2.864 на број. Најмногубројни се пензионерите чии примања се движат од 13.193 до 16.909 денари. Ги има 103.196, а нивниот удел е со 30,54 проценти. Со пензии до 13.192 денари живеат 22.972 лица или тоа се 6,8 отсто од пензионерите во државата.

    Состојба на корисници на пензија по групи на исплата за мај

    Извор: ПИОМ

    Во петтиот месец од годинава за 2.192 лица завршил работниот и започнал пензионерскиот период. Има 1.489 нови пензионери и 703 пензионерки.

    Темната статистика на ПИОМ забележала 1.171 починат пензонер во мај – 898 мажи и 273 жени.

    Во текот на мај, на сметката од Сојузот на здруженијата на пензионерите биле уплатени 9.732.180 денари. Средствата се обезбедени од 321.130 пензионери, кои месечно издвојуваат пари за оваа намена. Па, од солидарниот фонд во мај биле исплатени 28.560.000 денари, што како посмртнина ги добиле семејствата на 816 починати пензионери.

    Маја Анастасова

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично