ПОВЕЌЕ

    СЕ ВРАЌА ЛИ CAREFFOUR ВО МАКЕДОНИЈА: Реномираниот трговски ланец влегува во Србија, а најавува проширување и во соседните држави

    Време зa читање: 3 минути

    Францускиот ланец Carrefour влегува на српскиот пазар. Преку својата филијала во Грција, Carrefour планира голема експанзија на Балканот, објави денес српски Курир. На почетокот на годината беа отворени првите супермаркети во Бугарија, а наскоро се очекува бизнисот да се прошири и на српскиот пазар.

    Како што дознава порталот Retail Serbia, Retail and More од Грција, ексклузивниот партнер на Carrefour, основал своја филијала во Србија. По потпишувањето на договорот со француската групација, грчката компанија бараше партнер во Србија, но бидејќи тоа не се случи, започнаа преговорите за купување на познатиот ланец. Преговорите се во завршна фаза и речиси сигурно францускиот ланец би можел да се појави во Србија во текот на следната година. Неофицијално, групата во моментов преговара за можна аквизиција и во Бугарија.

    Според претходен договор, Retail and More, во соработка со партнер, планираат да ги ребрендираат Parkmart и ALDO во продавниците на Carrefour во Бугарија, додека на домашниот пазар се очекува дополнително проширување и можни превземања. Да потсетиме, Retail and More A.E. е дел од грчката АВЕ групација.

    Групацијата ги поседува сите права на француската компанија Carrefour за пазарите во Грција, Кипар, Србија, Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, па може да се очекува како еден од наредните чекори на компанијата и отворање на Карефур во нашата држава.

    Францускиот бренд, да потсетиме, веќе беше присутен во Македонија, но се повлече. Хипермаркетот на Carrefour беше отворен во 2012 година во Скопје Сити Мол, на продажен простор од 4.650 квадратни метри, што го правеше еден од најголемите во земјава. Околу 2.000 од производите беа од приватните брендови на Carrefour.

    Сепак, веќе во 2016 брендот си замина од државава, на што му претходеше период во кој хипермаркетот неколку месеци беше со празни полици и со намален број на достапни производи. Вработените во продавницата испратија писмо до локалните медиуми, тврдејќи дека не им биле исплатени плати повеќе месеци. Медиумските извештаи зборуваа за долгот на Карфур кон локалните добавувачи, кој достигнал 10 милиони долари.

    Поради оваа причина, Македонската стопанска комора, во име на повеќе од 50 локални компании, побара македонската влада да се вклучи во решавањето на проблемот со долгот.

    И втората продавница на Карфур, која беше отворена во август 2014 година во ТЦ РЕМ во Тетово, беше затворена во истиот период.

    Македонските операции на Carrefour беа управувани од CMB Balkans Skopje, подружница на грчката групација Маринопулос, ексклузивен стекнувач на лиценцата на брендовите Carrefour во Грција, Кипар и на Балканот преку франшиза. Маринопулос ги купи Карефур маркетите во Грција кога француската компанија го повлече бизнисот од таа држава.

    Останаа енигма причините поради кои брендот, кој имаше ексклузивен продажен простор во тогаш најпосетениот шопинг мол во Скопје, не успеа да се справи со конкуренцијата на присутните брендови како Тинекс, КАМ, Веро и Рамстор.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично