ПОВЕЌЕ

    СЕ ТОПИ ТРГОВСКИОТ ДЕФИЦИТ, Кој е најзаслужен?

    Време зa читање: 4 минути

    Во првите шест месеци извозот растел позабрзано од увозот. Ова е особено позитивна вест за нашата економија, која е отворена и високозависна од увозот. Извозот за шест месеци, измерен во евра, изнесувал околу 4 милијарди, што е за 2,9 насто повеќе отколку во истиот период лани, а увозот изнесувал 5,67 милијарди евра, или 2,4 насто повеќе отколку во истиот период во 2024 година.

    Пари анализира што е тоа што придонесе да имаме поголем извоз, особено кога трговската размена со Германија, како наш стратешки трговски партнер, се намалува поради стагнација на конјуктурата во најголемата економија.

    Во првите шест месеци извозот во Германија се намалил за дури 9,4 насто во однос на првото полугодие од 2024 година. Истовремено, има поголем пад на увозот, за 10,5 насто. Нашиот извоз кон Германија изнесува 1,5 милијарди евра, додека увозот е 557 милиони евра во првите шест месеци од годинава.

    Извор: Државен завод за статистика

    ПОТРЕБНА Е ДИВЕРЗИФИКАЦИЈА НА ПАЗАРИ

    Иако податокот за намалување на трговската размена со Германија е загрижувачки, добрата вест е што расте трговската поврзаност со други пазари. Диверзификацијата на пазарите е особено важна, а една од досегашните забелешки и на експертската јавноста, па и според изјавите на економистите од Светска банка, е дека премногу се потпираме врз германската економија.

    Германската економија во вториот квартал изненадувачки се намали, бруто-домашниот производ падна за 0,1 насто од април до јуни во однос на претходниот квартал, објави Сојузниот завод за статистика. Особено се намалени инвестициите во опрема, како што се машини и згради.

    Добро е што остваривме поголема позитива со нашиот втор најголем трговски партнер ‒ Британија. Таму увозот се зголемил за само 0,9 насто, а извозот за дури 12,5 насто! Трговската размена со Британија е 736,7 милиони евра, при што извозот изнесувал 53,7 милиони евра, а увозот речиси 683 милиони евра.

    Двоцифрен раст во трговската размена имаат и Грција, Бугарија, Унгарија и Полска, кои се на листата на земји со кои имаме најголем обем на размена, што ја објавија статистичарите.

    Извор: Државен завод за статистика

    ИНДУСТРИСКИТЕ НАБАВКИ СЕ НАЈЗАСТАПЕНИ

    Според основните економски категории, ставката Интермедијални производи учествува со 70 насто во вкупниот извоз и 66 насто во вкупниот увоз. Вкупниот извоз на Интермедијални производи изнесува 2,8 милијарди евра, а увозот е 3,7 милијарди евра.

    Од оваа економска категорија, најголема ставка е Индустриски набавки ‒ преработени. Во првите шест месеци од годинава вкупниот нивен увоз изнесувал 2,4 милијарди евра, а извозот изнесувал 1,6 милијарди.

    За широка потрошувачка, за шест месеци се извезле производи за 745,3 милиони евра, а увозот е 1,1 милијарди евра.

    Во однос на храната имаме суфицит кај примарните производи. Сме извезле за 87,7 милиони евра, а сме увезле за 85,3 милиони евра. Но, кај преработките во прехранбената индустрија, увозот изнесувал 421,8 милиони евра, а извозот 238,9 милиони евра.

    Основната економска категорија Капитални производи учествувала со 11,5 насто во вкупниот износ и изнесува 465,4 милиони евра. Увозот учествува со 10,5 насто и е 598 милиони евра.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично