Од февруари, кога Управата за јавни приходи ја воведе дигиталната услуга „е-Уверение за остварен доход“, издадени се 5.688 вакви документи. Целосно електронски и бесконтактно. „Заштедено е значително време како за граѓаните, така и за службениците на УЈП, а работата се одвива според најсовремени дигитални стандарди“, информираат од Управата.
Освен тоа, големи промени и осовременување е направено и кај услугата за издавање „Уверение за состојба на даноци“.
„Со автоматизација на внатрешните процеси, во изминатите три месеци сите поднесени барања навремено се обработуваат и уверенијата се издаваат во рок од најмногу пет календарски дена, што претставува значително подобрување во споредба со претходниот период. Тоа значи дека 100% од уверенијата се издадени во законски предвидениот рок“, информираа од УЈП. Притоа потенцираат дека во следната фаза и оваа услуга ќе биде целосно дигитална и бесконтактна, овозможувајќи уште поедноставен, побрз и поефикасен пристап за граѓаните и компаниите.
Како што се посочува, целта е даночните услуги да бидат со висок стандард, брзи, едноставни и доверливи.
„Сакаме граѓаните и компаниите да добиваат квалитетна услуга со само неколку клика, без непотребни процедури и без губење време. Долгорочната и стратешка определба за трансформација на УЈП е создавање нов лик и нов амбиент – како за даночните обврзници, така и за даночните службеници и соработниците на даночната администрација. Овие резултати покажуваат дека сме на вистинскиот пат“, изјави директорката на УЈП, Елена Петрова.