Раскошен дворец е турското значење на името што го носи општината сместена во западниот дел од Скопје со центар во истоимената населба Сарај, околу која гравитираат 24 села. Овој простор сè појасно се позиционира како растечки индустриски и логистички центар. Близината до главниот град и добрата патна поврзаност се основните причини поради коишто компаниите го избираат Сарај за развој на своите производни, транспортни и трговски капацитети.
Податоците за 2024 година, презентирани во анализата на порталот Пари, а користени од базата на Бизнис Мрежа, покажуваат стабилен раст во клучните економски категории – приход, добивка и број на вработени. Се однесуваат на 14 компании со адреса во Сарај, Бојане, Глумово, Крушопек и Горно Свиларе, кои со прикажаните резултати се застапени во сите три сегменти.
СО ЗДРУЖЕНИ СИЛИ ДО ПРИХОД ОД 216,7 МИЛИОНИ ЕВРА
Заедничкото достигнување на десетте најприходни компании лани е 216,7 милиони евра, што е раст од 4,7 насто во однос на претходната, 2023 година. Само кај две од нив се забележува пад. Станува збор за Промет Стеел Холдинг, чиј обрт опаднал за повеќе од 14 милиони евра, или за 37,36 насто. И покрај тоа, се наоѓа на третото место од оваа топ листа. Пад од нецел еден процент (0,87 насто) има кај петторангираниот Омер компани.
Во трговската мрежа бројни се производите со логото на Даути Комерц. Компанијата што врши дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, не само на домашниот пазар туку и во Косово, Црна Гора и Албанија, остварила промет од 85,5 милиони евра и годишна промена од 18,17 насто.
Тоа е за 36 милиони евра предност пред второпозиционираниот Адријус од Глумово, чиј минатогодоишен приход е 49,4 милиони евра.
Транспортерот Џими Шпед се издвојува по растот од над 69 насто, додека со приходот од 5,7 милиони евра е на претпоследното место од листата.
Извор: Бизнис Мрежа
КОИ СЕ НАЈПРОФИТНИТЕ КОМПАНИИ
Во доменот на добивката, три од најуспешните компании лани заработиле пониски износи во однос на прекланските. Тоа не се одразило врз вкупната сума на десетте фирми од Сарај, каде што има раст од 10,4 насто, а резултатот е 12,7 милиони евра.
Предводник на најпрофитните е семејната компанија ориентирана кон трговија на големо со замрзнато месо, банани и други прехранбени производи – Адријус, со реализација од 4 милиони евра.
Со по 2 милиони евра добивка, следуваат Промет Стеел Холдинг и Даути Комерц, со кои завршуваат милионските износи. Профитот на останатите седум се движи од 304,9 илјади (Супер компани ЛТД од Горно Свиларе) до 909,2 илјади евра (Бис Оил ДОО Глумово).
Највисок раст на добивката (157,35 насто) е регистриран во месната индустрија Тиамо. Висока промена (+ 115,92 %) бележат и во ЈУС МБ, со дејност неспецијализирана трговија на големо co храна, пијалаци и тутун, кои располагаат со илјадници квадрати складишен и магацински простор.
Извор: Бизнис Мрежа
ПОГОЛЕМ ОБЕМ НА РАБОТА, ПОВЕЌЕ ВРАБОТЕНИ
Најголемиот работодавач во Сарај е Даути Комерц. Минатата година таму платата ја заработувале 525 лица, за речиси 30 насто повеќе отколку во 2023 година.
Компаниите рангирани од второто до десеттото место ангажираат по помалку од сто лица. Адријус функционира со 98, Омер компани со 95, Даути-Транспортшпед со 80 вработени…
Позитивниот тренд на вработување го потврдува фактот дека дури осум од десетте водечки компании имаат зголемен број на работници. Во сите тие компании во 2024 година работеле 1.113 лица, што е за 13,9 насто повеќе во споредба со 2023 година.
Извор: Бизнис Мрежа
Со растот на приходите, профитите и бројот на вработените, Општина Сарај ја покажува способноста да привлекува и развива успешни компанииво трговијата, транспортот и индустријата.
Маја Анастасова
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска