Советот на Општина Битола до Владата упати барање за измена на локацијата за регионална депонија во Новаци. Барањето едногласно беше изгласано од сите советници на општината. Со ова, советниците бараат од Владата регионалната депонија каде во иднина смет ќе депонираат 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот Регион да не биде во рудникот Суводол, Општина Новаци, односно да не биде во близина на Битола.
„Со ваквото барање сакаме да апелираме до Владата и пратениците да направат ревизија на проектот и да најдат друга погодна локација за изградба на депонијата, бидејќи Битола веќе има еден голем загадувач РЕК Битола, а жителите со своето здравје и живот го плаќаат постоењето на истото“, се вели во дописот на Советот на Општина Битола.
Во меѓувреме, за денес, 26 март во 18 часот пред Советот на Општина Битола преку Фејсбук е најавен втор протест „против изградба на депонија во Битола“.
Но, државата, барем засега, не се откажува од изградбата на регионалната депонија во Новаци крај Битола и покрај сериозните забелешки и одржаниот протест на битолчани против депонијата на 15 март и тврди дека таа ќе се гради според сите стандарди, а за контролата на работењето ќе биде задолжен Државниот Инспекторат за животна средина.
„НЕ НЕ’ ЗАШТИТИВТЕ ОД РЕК БИТОЛА“
На протестот што се одржа пред зградата на Општина Битола на 15 март, насобраните граѓани се изјаснија против изградба на регионална депонија во Општина Новаци, во близина на РЕК, на двесеттина километри од Битола. Бараат надлежните да најдат друга локација за планираната депонија бидејќи не веруваат дека институциите имаат капацитет да ја одржуваат по европски стандарди и да гарантираат дека депонија нема да загадува. За Битолчани е спорно и тоа што на депонијата кај Новаци смет ќе одлагаат 18 општини од Југозападниот регион.
Министерството за животна средина тврди дека ја разбира скепсата, но најави офанзива за шармирање и убедување на Битолчани – веќе во април екипи на МЖСПП, составени од стручни лица ќе одат на терен, меѓу населението на Пелагонискиот и Југозападен регион, за да ја објаснат потребата од изградба на регионална депонија. „Досега не е воспоставен целосен регионален систем за управување со отпад (во сите региони е во почетна фаза, т.е. нема сеуште регионална депонија која е оперативна). Доколку не се воспостави, нема да може да се покажат и бенефициите за граѓаните од ваквиот пристап. МЖСПП, иако има веќе одржано неколку јавни расправи, има план на за одржување на поинтензивни јавни расправи за граѓаните, со сите инволвирани стручни лица на проектот со цел да ја објасни состојбата и да помогне во намалување на скептичноста кај граѓаните. Истите се планира да се одржуваат во тек на месец април 2025 година“, се вели во дописот од Министерството.
РЕК Битола, потсетуваат противниците на изградбата на регионалната депонија е еден од најголемите загадувачи на Балканот, не работи според минимално пропишаните стандарди за работа, нема електростатски филтри на оџаците, нема постројка за десулфуризација, за отпепелување. Уште еден загадувач во близина, доколку не би работел според стандардите (како што сега не работи термо-електраната РЕК Битола) би претставувал нова еколошка бомба за жителите, нагласуваат тие.
Од МЖСПП, пак, смируваат. Гаранцијата за безбедно функционирање на системот, велат од Министерството, ќе биде редовната инспекција од Државниот Инспекторат за животна средина.
ЕДЕН ИНСПЕКТОР ЗА ЦЕЛ РЕГИОН
Но, на прашањето кое порталот ПАРИ го упати до ова министерство колку инспектори за животна средина во моментов го покриваат регионот, во кој спаѓа и Битола, оттаму добивме одговор: „Во моментов еден државен инспектор со седиште во Охрид е одговорен за овој регион, но планирано е преземање на уште еден државен инспектор од општина Битола“.
„Како граѓански активист за заштита на животната средина, свесен сум што значи еден ваков систем за управување со отпадот и кои се придобивките од неговото правилно функционирање, а јасно ми е и дека нестандардната депонија Мегленци е еколошки неоправдана и штетна по нашето здравје“, вели Драган Вељанов од Битола. „Но, во државава во која не функционираат сопствените закони, во која царува корупцијата и во која сме сведоци за тоа дека има корупција и кај највисоките државни функционери, нормален е сомнежот дека и во иднина работењето на еден ваков капацитет ќе биде со селективно или никакво функционирање на законите“. Оттаму и недовербата во институциите кои ќе бидат одговорни за нормално функционирање на депонијата, оние кои треба да ја изградат, да вршат надзор, да ја мониторираат и да вршат контрола врз нејзиното работење, додава Вељанов.
Средствата за финасирање на регионалниот систем за управуивање со отпад државата веќе ги обезбедила преку заем од ЕБОР (договор за заем потпишан во 2023 година) и парите се на располагање. Износот на средствата наменети за депонијата за Пелагонискииот и Југозападен регион се 30 милиони евра и се наменети за: изградба на регионални системи за управување со отпад („РСУО“) во регионите со цврст отпад на ПЈЗ, трансфер станици во Дебар, Охрид и Прилеп, набавка на возила и садови за собирање на отпад, затварање на депонијата во Мегленци, надзор над работата, како и техничка помош.
Првиот чекор за воспоставување на системот за третман на отпадот во овој регион беше едногласната одлука на Советот на Општина Битола од 28 февруари, за меѓуопштинска соработка и формирањето на комисија за формирање на регионално претпријатие за справување со отпад за 18 општини (Новаци, Битола, Прилеп, Крушево, Долнени, Могила, Кривогаштани, Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Пласница, Центар Жупа, Вевчани, Дебарца и Македонски Брод) од југозападниот регион со седиште во Општина Новаци. Но, потоа следуваа жестоките реакции на граѓаните на Битола и протестот што се одржа две недели подоцна, по што локалните власти во Битола, очигледно, ретерираа.
Една од забелешките изнесени на неодамна одржана јавна расправа во општинската зграда во Битола, меѓу другото беше наведен и практичен проблем со кој би се соочило евентуалното функционирање на депонијата во Новаци, а тоа е непостоењето на заобиколен пат до идната локација на депонијата ќе значи дека сите камиони со отпад од другите општини ќе треба да поминуваат низ Битола.
Од Министерството за животна средина потврдија дека ќе се гради пристапен пат до идната регионална депонија во Новаци и дека тој ќе се финансира од страна на Владата на РСМ. „Во моментов се работи на финасиската конструкција и на планската документација од страна на ЈПДП“, информираат од МЖСПП.
„Веќе ни е загаден воздухот, почвата, водите. Не сме против воведување на современ систем за управување со отпад, ама нека се најде друга локација, што подалеку од нашиот веќе еколошки уништен дел од државата“, резимира активистот Вељанов.
(Фото: Фејсбук)
Југослава Дуковска