ПОВЕЌЕ

    САЈБЕР БЕЗБЕДНОСТА НЕ Е МАШКА РАБОТА: Љубица Крстевска во New Biz

    Време зa читање: 8 минути

    Маж со очила контролира што се случува на компјутерските екрани пред него. Тоа е перцепцијата што јавноста ја има за инволвираните во областа на сајбер безбедноста. И преовладува претставата дека е тоа исклучиво работа за мажи. Особено кога се оперира со термините од типот на хакирање, кражба на податоци, злоупотреба…, чие осуетување, спречување, сузбивање не е можно во женска иведба. Тоа се заблуди кои ги разобличува експертката за сајбер безбедност Љубица Крстевска, како гостинка на Наташа Велковска во поткастот New Biz.

    Крстевска ја предводи организацијата Women4Cyber, која е формирана во рамките на ECSO – European Cyber Security Organisation. Целта е вредностите на глобалната иницијатива да се пренесат во Македонија и што повеќе жени да се вклучат во оваа сфера.

    „Вредноста и она што го детектираме кога имаме обуки или некои случувања кои вклучуваат жени од сферата на сајбер безбедноста е заедништвото. Припаѓање на заедницата. Во македонски рамки сѐ уште немаме бројки за жените во сајбер заедницата, но на добар пат сме да обезбедиме квантитативни и квалитативни показатели. Но еве, во светски или во европски рамки, женската застапеност во оваа област не е повеќе од 25 проценти. Тоа сосема ја оправдува потребата на жените да припаѓаат кон некаква заедница што ги обединува. Тоа е првата вредност што ја обезбедуваме како цел“, вели Крстевска.

    Укажува на самиот назив на организацијата – Women4Cyber и значењето – жените за сајберот.

    „Не велиме што сајберот може да направи за нас, туку што е она што ние како структура може да направиме за сајбер безбедноста. Тука се обединуваме, ги обединуваме жените, нудиме можност да покажат што им е потребно за да го обезбедиме преку различни фондови и проекти. На тој начин враќаме во заедницата. Со уште попрофилирани стручни кадри на жени, кои се вклучуваат во севкупното општествено живеење, на високи позиции, на позиции на одлучување, но и она што значи свесност за сајбер безбедноста, воопшто“.

    Професионалната позадина на Крстевска долги години е градена во доменот на заштитата на личните податоци и приватноста. Од таа патека навлегла на теренот од сајбер безбедноста, а поканата да биде дел од проектот, била лична. Ја добила како панелист на летен универзитет кој се спроведува од Европската унија. Нагласува, зад иницијативата за обединување на жените во сајбер безбедноста стои маж. Фондацијата е основана во Брисел. Куриозитет е, истакнува, што таквото поглавје во Македонија е формирано второ, веднаш по Шпанија. „Тука е нашата големинна. Успеавме да седнеме на иста маса со оние кои се членки на ЕУ, а не да стоиме некаде на страна и да набљудуваме“.

    Што сѐ е потребно, какво образование, искуство, за да се навлезе во тој свет кој ги обединува законот и технологијата. За тоа Крстевска, вели:

    „Порано се сметаше дека за сајбер безбедноста се потребни ИТ или луѓе чиј образовен бекграунд е поврзан со технологија. Но ако сега ја направите анализата, ќе ја видите мултидимензионалноста на сајбер безбедноста. Првиот е правниот аспект, регулативата, законодавството, од таму сѐ произлегува. За да се наметне безбедноста како решение за да нема кражби на податоци, да нема било каква злоупотреба на податоци, мора прво да има законско решение. Затоа што така наметнуваш обврска. Тие што креираат нови услуги или добра мора да знаат дека мора да вградат одредени стандарди или аспекти на заштита и приватност. Ако нема законска обврска, ако нема казна, до таква корпорациска култура многу тешко ќе се дојде. Факт е, многу мал дел од најголемите компании самите би го направиле тоа, доколку не се притиснати со законско решение. Тоа понатаму се поврзува со останатите аспекти. Сѐ што се случува, сите нови проиводи, нови системи, сѐ што е во сајбер безбедноста, социјалните медиуми, се поврзани со социјалните, со психолошките аспекти. Значи, тоа бара широка лепеза, пред сѐ на кадри со различен бекграунд искуство“, појаснува Крстевска, додавајќи дека се радува на покренатата иницијатива со која во класификацијата на едукативните профили ќе влезат и тие од сајбер безбедноста.

    Сајбер безбедноста има потреба од кадри. Но, од капацитетот на образовните институции зависи дали можат да организираат и спореведат такви програми.

    „Има големи поместувања во таа смисла. Во светски рамки има огромен недостиг на кадри во сајбер безбедноста и допрва таа бројка ќе расте. Тука е и фактот што имаме и приватно образование, па конкуренцијата уште повеќе расте, и во таа насока, особено факултетите од типот на ФИНКИ, ФЕИТ се оние кои ја предводат таа активност. Но, исто така, кај нас има и постдипломски студии за сајбер безбедност во трамките на Воената академија. Тоа се студии кои се специфично, целосно посветени на сајбер безбедноста преку програмите. Но, како програма може да се изучува и во рамките на други факултети. Правото на заштита на лични податоци може да се изучува и на Правниот факултет. За тоа мора да има и образовни кадри. Затоа велам, капацитетот е на самата институција да оцени дали може да обезбеди и такви студии, но работите одат напред. Има интерес кај образовните институции за вклучување во нашата иницијатива“, смета експертката по сајбер безбедност.

    Секако, неопходна е помош од државата и од ресорното Министерство за образование. Постои и стратегија за сајбер безбедност, но забележува Крстевска, зборот „жени“ е наведен само еднаш.

    „Ја анализирав стратегијата за сајбер безбедност. За жал, морам да кажам зборот жени се споменува само еднаш. Се вели дека е прилагодена на жените. А, факт е дека мора да примените некои мерки повеќе ако вашата цел е да го зголемите учеството и да ги зголемите можностите за повеќе жени да се вклучат во оваа област. Но, не би сакала однапред да ја критикувам стратегијата, да оставиме да видиме како ќе биде“.

    Во светски рамки, лани имало 3,5 милиони слободни работни места во доменот на сајбер безбедноста, што значи има големи можности за кариера. За заинтересираните да се стане типичен сајбер претставник.

    „Кога работиме со нови групи, особено со помлади, ги прашуваме – според вас, како изгледа профилот на некој што работи во сајбер безбедноста. Девојките секогаш велат – машко, носи очила и работи пред три-четири екрани. Самата перцепција кај жените и девојките е дека е тоа чисто машка професија. Значи, мора да ги тргнеме тие и да ставиме други очила. Имавме една работилница во Сараево со 30-на жени од регионот. И тие го имаа проблемот со профилирањето. А, тоа се жени кои сакаат, но не се сигурни дали треба да се профилираат во сајбер безбедноста. Сега имаме курс за управување и менаџирање со ризици и законска усогласеност, зашто и тој сегмент спаѓа во делот на сајбер безбедноста. Законската усогласеност, исто така. Да не зборуваме за ИТ аналитичари, за офицери за заштита на лични податоци, тоа спаѓа во оваа група, како и сите позиции кои спаѓаат под управување со податоци“.

    Се надминува, но постои и родовиот јаз, при што се отвора прашањето за (не)еднаквите можности.

    „Тоа се неколку нивоа. Кога зборуваме за еднакви можности, првото е она на што постојано се работи – на свесноста. Тоа е нешто на кое треба паралелно, цело време да работите, да го повторувате постојано и тоа влегува некаде во потсвеста. За да изгрдите свесност или култура на однесување, треба време. Исто така, потребно е време и за да ја разбиете мантрата дека тој што работи во сајбер безбедноста е машко. Вториот сегмент се кариерните можности. Тука прво зборуваме за еднакви можности за едукација, потоа за еднакви можности при влез на работно место и третата е за еднакви можности за напредување. Се покажало и во македонски рамки, на факултетите каде што се изучуваат предмети или програми поврзани со сајбер безбедноста има многу повеќе девојки, имаат и повеќе образовни квалификации, но кога ќе дојдат во периодот кога сакаат да се реализираат како мајки, основаат семејство и се грижат за домаќинството, во тој сегмент жените се губат. Не можат да стигнат до местото каде што се одлучува. А одлучувањето е многу битно, таму се креираат политиките“, истакнува Крстевска и посочува дека ги анализираат состојбите.

    Воедно констатира дека во образованието ги има сите предуслови за еднакви можности, но во кариерата не, па потенцира дека тука освен компаниите придонес треба да даде и државата, со што ќе се обезбеди жените да дојдат до средното или до високото ниво на менаџментот и да станат дел од одлучувачките структури.

    „Кога се градат кариерни патишта во сајбер безбедноста, има менторски програми кои покажале дека можете да бидете успешни и како жена и како мајка во ова што го работите. Имавме истражување од кое произлезе дека најголемиот дел од жените кои се во таа фаза, имаат искуство и треба да напредуваат, но поради одредени причини не можат целосно да се посветат на тоа. Значи, флексибилното работно време е еден од предусловите, второ обезбедување посебен вид менторски програми и обуки, кои ќе развијат специфични вештини и особини кои на жените во оваа сфера ќе им помогнат да бидат конкурентни. Конкурентноста во оваа сфера подразбира постојано нови сертификати, нови обуки, мора постојано да бидете во тек. Третатата работа исто така е поврзана со флексибилноста што треба да ја обезбеди работодавачот со работата од дома. Кај нас тоа сѐ уште не е законска можност, туку зависи од добрата волја на работодавачот“.

    Тоа се трите клучни нешта кои во најбрзо време треба да се одработат. Но, укажува Крстевска, најпотребни се специјализираните обуки кои ќе бидат изградени врз основа на способностите и вештините што им се потребни на жените да бидат конкурентни. Во таа насока е и делувањето на Women4Cyber.

    Целата епизода и слични на оваа се достапни на  New Biz Podcast

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично