За РЖ „Економика“ ќе биде од полза доколку понудата за преземање од страна на кавадаречкиот ГМЛ има успешна реализација. На тој начин ќе се унапреди работењето, а за вработените ќе биде обезбедена плата и ќе се отворат можности за нивно стручно усовршување. Тоа е ставот на Управниот одбор, а од Одборот на директори укажуваат дека имаат намера да ги продадат акциите што ги поседуваат.
Позитивното искажување следи по понудата што ја даде ГМЛ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци за откуп на 320.925 акции издадени од скопската РЖ „Економика“, по цена од 50 денари. Односно, ГМЛ сака да ги преземе сите преостанати акции, бидејќи веќе поседува 40,04 проценти. На почетокот од јануари, откако претходно во декември купи 20 проценти, ГМЛ значително ја зајакна својата позиција во РЖ „Економика“, стекнувајќи дополнителни 107.324 акции, со кои во сопственост има вкупно 214.320 акции. Од кои 133.811 обични акции со право на глас и 80.509 обични акции на кои им е регистрирано ограничување на правото на глас.
„Врз основа на податоците и информациите содржани во објавениот Проспект и Понудата за преземање на РЖ Економика АД Скопје, генералниот став на Управниот одбор на РЖ Економика АД Скопје е дека успешното спроведување на понудата за откуп ќе има позитивен ефект врз интересите на Друштвото и во таа насока го поддржува преземачот (ГМЛ ДООЕЛ увоз-извоз Кавадарци) во намерата за преземање на Друштвото“, се вели во образложеното мислење споделено преку Македонска берза.
Од компанијата произлезена од некогашната скопска „Железарница“ сметаат дека придобивките ќе бидат повеќекратни, пред се за вработените.
„Успешната реализација на плановите и стратешките цели на преземачот… ќе придонесе за подобрување на состојбата и ќе има позитивни импликации врз деловното работење на Друштвото, особено на вработените во смисла на континуираното обезбедување на работа и плата, како и нивното стручно оспособување и усовршување“, е согледувањето на Управниот одбор, при што се додава дека стратешките планови на ГМЛ се во насока на продолжување на стабилен раст на постојните деловни активности и континуиран развој на РЖ „Економика“.
Оттаму и согласноста на членовите од Одборот на директори да ги продадат своите акции. Исто така се вели во објавата, „Одборот на директори на РЖ Економика АД Скопје ги подржуваат стратешките цели и планови на преземачот за натамошниот развој на Друштвото“.
Поради тоа што оваа компанија извесен период се соочува со проблеми и предизвици, понудата е добродојдена и преземањето се гледа како можност за ревитализација на железарската компанија.
Р.Ж.Економика се занимава со трговија на големо и мало на резервни делови, но издава и деловен простор, а дава и услуги од областа на сметководствено-финансиското советување. Лани, по трите одработени квартали има загуба од 105 илјади евра. А, претходно, 2023 ја заокружиле со добивка од 640 илјади денари или над десет илјади евра.
Со состојба од крајот на 2023 година, вкупната актива изнесува 174.430 илјади денари, односно 2,8 милиони евра.
Понудената цена од 50 денари за акција е истата по која и ГМЛ ги има купено хартиите од вредност издадени од РЖ „Економика“. Во образложеното мислење, пак, се посочува дека книговодствената вредност на обичните акции издадени од РЖ „Економика“, пресметана врз основа на ревидираните неконсолидирани финансиски извештаи за 2023 година, изнесува 319,57 денари.