Продажбата на руската сурова нафта по пониски цени поради санкциите од Западот ја направија Русија најголем снабдувач на нафта во Кина. Зголемениот увоз за дури 55 проценти на руска нафта ја потисна Саудиска Арабија од првото место на листата снабдувачи со нафта на Кина и ја направи Русија најголем кинески снабдувач.
Кина го зголеми купувањето на руска нафта иако побаруачката поради Ковидот се уште е намалена.
Во февруари, Кина и Русија изјавија дека нивното пријателство „нема граници“.
И кинеските компании, вклучително и државниот преработувачки гигант Sinopec и државната Zhenhua Oil, го зголемија купувањето на руска сурова нафта во последните месеци откако им беа понудени големи попусти бидејќи купувачите во Европа и САД ја избегнуваа руската енергија во согласност со санкциите поради нејзината војна против Украина.
Увозот во Кина, кој вклучува залихи испумпувани преку гасоводот Источен Сибир на Тихиот Океан и пратките по море, изнесуваше скоро 8,42 милиони тони минатиот месец, според податоците на кинеската генерална царинска управа.
Тоа ја турна Саудиска Арабија – порано најголемиот извор на сурова нафта во Кина – на второто место со 7,82 милиони тони.
Во март, САД и Обединетото Кралство рекоа дека ќе ја забранат руската нафта, додека Европската унија работи на ставање крај на зависноста од рускиот гас, додека Западот го засилува економскиот одговор на инвазијата на Украина.
Во тоа време, американскиот претседател Џо Бајден рече дека овој потег е насочен кон „главната артерија на руската економија“.
Извозот на енергија е витален извор на приходи за Русија, но овој потег веројатно ќе влијае и на западните потрошувачи.
Минатата недела, во извештајот на Центарот за истражување на енергија и чист воздух тинк-тенк се вели дека Русија заработила речиси 100 милијарди долари (82 милијарди фунти) приход од извозот на фосилни горива во првите 100 дена од инвазијата на земјата на Украина, и покрај падот на извозот во Мај.
Европската унија сочинуваше 61% од овој увоз, во вредност од приближно 59 милијарди долари.
Севкупно, извозот на руска нафта и гас паѓа, а приходите на Москва од продажбата на енергија исто така се намалија од врвот од над 1 милијарда долари дневно во март.
Но, приходите сепак ги надминаа трошоците за војната во Украина во текот на првите 100 дена – при што CREA проценува дека Русија троши околу 876 милиони долари дневно за инвазијата.
Податоците од понеделникот, исто така, покажаа дека Кина минатиот месец увезла 260.000 тони иранска сурова нафта, што е нејзина трета пратка иранска нафта од декември минатата година.
Кина продолжи да купува иранска нафта и покрај американските санкции кон Техеран.