Првата хронометар велосипедска трка во Македонија, насловена HALK VELO GREEN се одржа во Маврово во организација на Халкбанк АД Скопје, како дел од HalkEco платформата чија цел е поттикнување здрави животни навики и придонесување за подобра животна средина. Право на учество имаа сите лица над 16 години, а учесниците се натпреваруваа во две категории според тежина на патеката, Про и Хоби. Рутата во должина од 22 км, се возеше во правец Бистра – Леуново – Бистра.
На хронометар трката, секој учесник стартуваше на секои 15 секунди. Мерењето на времето се вршеше со чипови, кои им беа доделени на учесниците пред почетокот. Покрај чиповите, секој учесник доби и подарок од организаторот и пријателите на трката, фотографии од трката, медал и онлајн диплома за завршена трка.
РЕЗУЛТАТИ ОД ТРКАТА
Во категоријата „Про“ во женска категорија, победи Андријана Анастасоска од велосипедскиот клуб „Cross Cycling“ од Куманово со рекордно време од 39 минути и 44 секунди. Втора е Анита Величковска од ВК „Oxygen“ со време 40 минути и 14 секунди, додека на третото место со 6 секунди разлика е Дуња Иванова од ВК „Energy“ со време на возење од 40 минути и 20 секунди.
Во машка конкуренција, победник со рекордно време од 31 минута и 58 секунди е Никола Лефков од велосипедскиот клуб „Oxygen“. Второто место го освои Благоја Перуновски од Madal Bal Outdoor Team со време 32 минути и 32 секунди, додека на трето место е Димитар Јованоски од ВК „Energy“ со време 4 секунди разлика односно време на возење 32 минути и 36 секонди.
Во категоријата „Хоби“, во женска категорија, првото место го зема Маргарита Ставревска од Pro Bike од Скопје со време на возење од 41 минута и 38 секунди. На второ место е Емилија Пајковска со 44 минути и 43 секунди, а на трето место е Лидија Мано Илиев со време 45 минути и 39 секунди.
Во машка конкуренција во категоријата „Хоби“, победник е Кирил Марковски од Madal Bal Outdoor Team со време 33 минути и 23 секунди. Второто место го освои Ицко Димитриевски со 34 минути и 53 секунди, додека на трето место е Горан Солздановски од Нивеа со време 35 минути и 28 секунди.
Листата со сите резултати може да ја погледнете со клик на веб страната на Halk Velo Green.
За најдобрите натпреварувачи, мажи и жени, во двете категории имаше и вредни награди.
Најдобрите во категоријата Про добија ваучер за Garmin часовник во износ од 30.000 денари, оние кои освоија второ место добија ваучер за спортска опрема во износ од 15.000 денари, а оние кои освоија трето место добија ваучер за спортска опрема во износ од 9.000 денари. Наградите во категоријата Хоби беа, прво место – ваучер за Garmin часовник во износ од 20.000 денари, второ место – ваучер за спортска опрема во износ од 6.000 денари и трето место – ваучер за спортска опрема во износ од 3.000 денари.
“Халкбанк гордо стои зад првата хронометар велосипедска трка во земјата, наречена Халк Вело Грин. Организирањето на трката е уште едно поглавје од нашата ХалкЕко приказна, на која со голем ентузијазам и посветеност работиме од 2019 година. Имаме голем мотив и неколку причини да бидеме организатор на овој настан, затоа што, ова е спортски настан, а сите знаеме дека спортот има позитивно влијание на нашето здравје и дух. Со возење велосипед покрај грижата за сопственото здравје и личните достигнувања, во исто време придонесуваме за пошумување и за повеќе зелени површини во нашата држава. Котизациите од учеството ќе се користи како дополнителен буџет во обврската на Банката да засади нови дрвја во рамките на ХалкЕко платформата.
И на крај, тоа што се бориме со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 не значи дека не можеме да се потрудиме и да најдеме начин како да го користиме убавото време и да ја организираме оваа трка следејќи и внимавајќи на сите мерки и препораки од релевантните институции. Ваквите настани имаат важна улога во нашето расположение и благосостојба“, изјави Билал Суџубаши, Генерален извршен директор на Халкбанк АД Скопје.
HALK VELO GREEN трката се одржа според правилата и протоколите пропишани од Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје.
Халк Вело Грин е во организација на Халкбанк АД Скопје, со техничка и стручна поддршка од КЛС ивенти, Сојуз на спортови Скопје и спортскиот директор Лазо Миновски.