ПОВЕЌЕ

    РЕВИЗОРИТЕ ГО ТРЕСЕА МЕПСО, открија загуба тешка 14 милиони евра, спорни милионски исплати, хипотеки…

    Време зa читање: 4 минути

    Државните ревизори немаат поволно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за работењето на АД МЕПСО од 2021 година. Усогласеноста со законската регулатива не е доволна и искажано е мислење со резерва за политиките воспоставени од компанијата. Спорно е и тоа што се исплатени 8,6 милиони евра на ТЕЦ Неготино, со цел да биде подготвена за работа во секое време, но среде енергетската криза, немало вклучување.

    Ревизорите констатирале низа неправилности. На пример, трафостаниците кои требало да бидат во заедничка сопственост на МЕПСО и ЕВН, според имотните листови и припаѓаат само на ЕВН. Освен тоа, со дополнителен увид во имотните листови ревизорите утврдиле дека за две трафостаници има хипотека од 77 милиони евра, задолжување од ЕБОР, а хипотекарен должник е ЕВН како носител на сопственичкото право. Поради непотврдено право на сопственост на МЕПСО, „одлуките во кои постои ризикот за отуѓување на парите над средствата кои се под хипотека се носат без негова согласност. Оваа состојба влијае врз висината на тарифата за пренос на електрична енергија“, наведено е во извештајот.

    Во 2021 година, нотирано е од страна на Државниот завод за ревизија и огромно побарување на МЕПСО од трговците со струја. „Како резултат на енормното зголемување на цената на електричната енергија на европските берзи, недоволното производство на електрична енергија од домашните производители и недозволеното преземање на електричната енергија од електропреносниот систем од страна на Балансно одговорните страни (БОС), придонело побарувањата и приходите на АД МЕПСО Скопје остварени од трговците на електрична енергија (ЕЕ) – Балансно одговорни страни (БОС), по основ на надомест за отстапувањата/дебаланси за преземената ЕЕ од електропреносниот систем во 2021 година да изнесуваат 4.210.704.000 денари или 68,5 милиони евра, што претставува пет пати поголемо остварување во однос на 2020 година, кога изнесувале 841.792.000 денари или 13,7 милиони евра“.

    Понатаму, се вели дека во услови на зголемување на цената на електричната енергија, дел од трговците – БОС континуирано ја намалувале набавката на струја од отворениот пазар и ја користеле балансната енергија на МЕПСО за снабдување на своите потрошувачи. Тоа, пак, предизвикало драстично зголемување на неговите трошоци кон европскиот електропреносен систем. „Исклучително големи отстапувања/дебаланси се направени во октомври 2021 година, поради што од страна на АД МЕПСО Скопје фактурирани и наплатени се 77,8 милиони kWh од производителот на ЕЕ – АД ЕСМ Скопје, во вкупна вредност од 25 милиони евра без ДДВ. Ова е резултат на тоа што АД ЕСМ Скопје не успеал да ги реализира планови за производство на ЕЕ, поради што е повлечена ЕЕ од системот на европската мрежа, со што за АД МЕПСО Скопје е создадена обврската кон европскиот електроенергетски преносен систем во иста вредност од 25 милиони евра“, забележано е во извештајот.

    И, во продолжение се додава: „Дополнителна причина која довела до настанатата состојба е воспоставениот начин на информирање за трговците – БОС, кои недозволено презеле ЕЕ од електропреносниот систем, бидејќи податоците кои се добиваат од МЕМО ДООЕЛ, преку Електродистрибуција ДООЕЛ пристигнуваат по 45 до 60 дена задоцнување, поради што АД МЕПСО Скопје не е во можност да изврши брза интервенција и навремено преземање на мерки кон трговците – БОС“.

    Што се однесува до договорот и исплатените милионски суми на ТЕЦ Неготино, ревизорите утврдиле: „АД МЕПСО во периодот од 2019 до 2021 има склучено договор со ТЕЦ Неготино кој се однесува за обезбедување на електрична енергија во случај на загрозување на сигурноста во снабдувањето, хаварии или поголеми отстапувања на потрошувачката од предвидените количини. Предвидено е АД ТЕЦ Неготино да ја чува расположливата моќност на термоцентралата само за потребите на АД МЕПСО, за кој период се исплатени 531.998.000 денари, од кои 219.778.000 се исплатени во 2021 година. Иако финансиски била помогната термоцентралата, при појавата на енергетската криза во октомври 2021 не е извршено нејзино активирање за производство на електрична енергија“.

    До крајот на минатата година, од споменатите 68,5 милиони евра, од МЕПСО останале ненаплатени повеќе од 14 милиони евра. Загубени се големи пари поради недозволени отстапувања при влечење на струја од електроенергетскиот систем на ЕУ. Оттука, директорот на ДЗР, Максим Ацевски, посочува дека некој треба да понесе одговорност, и бара активно вклучување на надлежните иституции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично