Хотели и хотелски комплекси, приватни индивидуални зданија изградени без дозвола, неплатени комуналии, узурпирано крајбрежје… – Јавното обвинителство отвори предмет по ревизорскиот извештај за Општина Охрид. Веќе се преземаат дејствија на проверки, а се врши предистрага во Општина Охрид.
Ревизорите утврдиле дека во периодот од 2019 до 2024 година биле издадени 456 правосилни управни акти за бесправно изградени објекти, но не се преземени мерки за нивно отстранување. Дополнително, донесени се 4.847 решенија за одбивање на барања за легализација, односно сите тие се дивоградби. Некои од нив се наоѓаат во заштитени подрачја како Националниот парк „Галичица“.
Според конечниот извештај на ДЗР, Општина Охрид нема донесено урбанистички планови за 20 населени места. За 11 села воопшто не постојат урбанистички планови, а за уште девет се донесени решенија за изработка на планска програма, но плановите сè уште не се усвоени. Во дел од овие подрачја ревизијата констатирала изградба на индивидуални објекти и хотелски комплекси без издадени одобренија за градење и без платен надоместок за уредување градежно земјиште.
Ревизорите укажуваат и дека не е донесен урбанистички план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро во ширина од 50 метри, како и дека за Годишната програма за поставување урбана опрема за 2024 година не е обезбедена согласност од Управата за заштита на културното наследство. Поставувањето на урбана опрема, според извештајот, се вршело и без дозволи и без платени комунални такси.
Дополнително, ДЗР утврдил дека субвенционирањето на јавните претпријатија во износ од 36,5 милиони денари е реализирано без усвоена програма и без претходна согласност од Советот на Општина Охрид. Кај експропријацијата на градежно земјиште, пак, е евидентирана разлика од 693 илјади денари меѓу вредноста на одземеното земјиште и надоместот, за што постапката сè уште не е завршена.
Поради утврдените состојби, неправилности и неусогласености, Државниот завод за ревизија изразил мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на Општина Охрид за 2024 година.
Од Општина Охрид соопштија дека ги прифатиле забелешките од ревизијата и дека се преземени активности за постапување по дадените препораки. Како што наведуваат, ќе се утврдат конкретни мерки и задолжувања за надлежните институции и одговорните лица, со цел унапредување на финансиското работење и зголемување на транспарентноста, во согласност со законските прописи.
Аналитика








