Рускиот банкарски сектор загубил 1,5 трилиони рубљи (24,8 милијарди долари) во првата половина на 2022 година, изјави во петокот висок функционер на Централната банка. Ова е првпат руската централна банка да објавува финансиски резултати откако Москва ја нападна Украина во февруари.
„Банките кои работеа со загуба загубија 1,9 трилиони рубљи, а банките со профит заработија 400 милијарди рубљи“, изјави Дмитриј Тулин, првиот заменик-претседател на Централната банка на Руската Федерација, во интервју за новинската веб-страница на РБЦ. „Така, алгебарски, добиваме вкупна загуба од 1,5 трилиони рубли“, рече Тулин.
Централната банка престана да објавува бројки за банкарскиот сектор по почетокот на војната и им забрани на заемодавците да објавуваат редовни извештаи за заработка, бидејќи западните влади ги замрзнаа финансиските средства на Русија во странство и воведоа санкции кон руските банки.
Загубата за рускиот банкарски сектор е прва во последните седум години, објави РБЦ.
Тулин рече дека една четвртина од руските банки забележале загуби од јануари до јуни, додека три четвртини останале профитабилни. Според Тулин, две третини од загубите во првото полугодие во 2022 година, или 1 трилион рубли, се поврзани со девизни операции.
„Можеме да кажеме дека досега се справуваме со малку жртви“, рече тој за РБЦ, истакнувајќи дека руските банки сè уште имаат резерви од 7 трилиони рубљи (116 милијарди долари). „Помал дел од оваа капитална резерва е искористен како резултат на овие загуби. Тоа не е најскапата цена за надминување на последиците од силниот удар што санкциите му го нанесоа на нашиот банкарски систем“, рече Тулин. Банкарот прогнозираше дека рускиот банкарски сектор ќе ја затвори 2022 година со загуби од 1,5 трилиони рубљи или помалку.