Во периодот од 01.01.2020 година до 30.09.2020 година Стопанска банка АД – Скопје (во натамошниот текст: СБ) оствари добивка пред оданочување во износ од 1.580.087 илјади денари. Во споредба со истиот период од минатата година, остварената добивка е помала за 17,8 % како последица на ефектите од пандемијата, кои се значителни како на глобално ниво, така и во домашната економија.
Појавата на пандемијата во текот на првиот квартал од оваа година предизвика сериозни импликации од здравствен и од економски аспект на глобално ниво. При првите знаци на пандемијата, Стопанска банка АД Скопје реагираше промптно со преземање мерки за заштита на здравјето на вработените и на клиентите во согласност со препораките на надлежните институции во земјата и најдобрите познати меѓународни препораки во овој домен. Истовремено, Банката ги презеде сите мерки за заштита на квалитетот на своето портфолио, како и обезбедување континуитет за непречено функционирање во новите околности. Во тие рамки Банката овозможи одложување на отплатата на кредитите во согласност со промените во регулативата направени од страна на Народна банка на РСМ, заради олеснување на последиците од пандемијата на своите клиенти, физички и правни лица. Во текот на целиот овој период, Банката им е на располагање на клиентите и со поддршка на сите програми што Владата на РСМ ги намени за ублажување на последиците од пандемијата, а кои се реализираат преку банкарскиот систем.
Раководството на Банката е активно вклучено во обезбедување услови како за непречено функционирање на целата инфраструктура на Банката така и за поддршка на потребите на сите клиенти во новосоздадените услови, како и на економијата и на општеството во целина. И во натамошниот период, развојот на кризата ќе продолжи да се следи активно и ќе се преземаат сите мерки и активности за ублажување на ефектите.
Биланс на успех
Нето-приходите од камати во анализираниот период изнесуваат 2.769.068 илјади денари и се зголемени за 2,0 % во однос на истиот период од минатата година. Тоа е резултат на порастот на вкупната актива за 4 % при остварен кредитен пораст од 9,1 %. Наведената промена е резултат на зголемување на оптималноста во користењето на изворите на средства на Банката во насока на зголемување на кредитното портфолио, при што, за разлика од претходните години, Банката бележи значаен пораст во делот на корпоративното кредитирање.
Нето-расходите од камати забележаа пад од 127.701 илјади денари, пред сè како резултат на континуираниот тренд на пад на каматните стапки, како глобално, така и во нашата економија.
Нето-приходите од провизии и од надомест изнесуваат 545.622 илјади денари и се намалени за 10,3 % во однос на анализираниот период во 2019 година, пред сè како резултат на глобалната пандемија, која имаше сериозни импликации на целата економска активност. Дополнително, сакаме да известиме дека Банката направи рекласификација на дел од оваа позиција со цел да се обезбеди поголема споредливост, односно на крајот на минатата година во оваа позиција се прикажани и дел од оперативните трошоци поврзани со картичното работење, кои претходно беа прикажувани во позицијата други оперативни трошоци.
Другите приходи од дејноста забележаа намалување од 31,6 %, додека, другите расходи од дејноста зголемување за 2,3 %.
Трошоците за вработени на крајот на третиот квартал од 2020 година изнесуваат 654.797 илјади денари.
Во анализираниот период, СБ издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансната изложеност, на нето-основа во износ од 723.934 илјади денари, односно повеќе за 130.238 илјади денари, во споредба со истиот период минатата година.
Биланс на состојба
Вкупната актива на СБ на 30.09.2020 година изнесува 103.631.452 илјади денари и е зголемена за 3.943.952 илјади денари или 4,0 % во споредба со крајот на 2019 година.
Паричните средства и парични еквиваленти во споредба со крајот на 2019 година се пониски за 4.938.449 илјади денари, односно за 22,6 %.
Кредитите на комитенти и побарувања од други комитенти изнесуваат 72.534.399 илјади денари и се повисоки за 6.036.300 илјади денари или 9,1 % во споредба со крајот на минатата година.
Кредитите на банки и побарувањата од банки изнесуваат 234.873 илјади денари и бележат намалување во однос на крајот на 2019 година од 8.460 илјади денари или 3,5 %.
Вложувањата во хартии од вредност изнесуваат 11.475.941 илјади денари и во споредба со крајот на минатата година бележат зголемување за 2.783.772 илјади денари или 32,0 %.
Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања изнесуваат 71.016 илјади денари. Позицијата вкупни депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) бележи зголемување за 1.877.643 илјади денари во споредба со истата позиција минатата година за истиот временски пресек.
Капиталот и резервите изнесуваат 16.706.192 илјади денари, што претставува зголемување за 9,5 % во однос на крајот на 2019 година, пред сè како резултат на остварената добивка. Дополнително, во јуни 2020 година Банката изврши зголемување на регулативниот капитал во износ од 15 милиони ЕУР во денарска противвредност со прераспоредувањето на добивката од 2019 година, со што се зголеми капиталната адекватност на Банката над пропишаните регулативни барања, која претставува поддршка на бизнисот и на идните перспективи на Банката.
Вложувања или продажба на материјални средства (недвижен имот, постојки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30 % од вредноста на средството во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Недвижностите и опремата заклучно со 30.09.2020 година бележат намалување во однос на крајот на 2019 година за 8.470 илјади денари, односно 1,0 %.
Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30 % во споредба со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)
Обврските по кредити изнесуваат 535.591 илјади денари и се зголемени во однос на крајот на 2019 година за 321.247 илјади денари.